Абрахам Вајнтрауб

Кина побара објаснување од Бразил откако нејзиниот министер за образование, Абрахам Вајнтрауб, ја поврза пандемијата на коронавирусот со „планот за светска доминација“ на Пекинг, пренесува „Гардијан“. 

Според објавата на Твитер, министерот Вајнтрауб ја обвинува Кина дека стои зад кризата која го тресе светот од јануари. 

– Геополитички, кој ќе излезе посилен на крајот од оваа криза? Кој во Бразил е во сојуз со овој непогрешлив план за доминација на светот? – напиша тој во неделата на Твитер.

Објавата на Твитер била и од подбивен карактер, со буквата „л“ наместо „р“ во Бразил, (Блазил наместо Бразил – н.з.), невкусна шега што обично се користи за да се исмејува кинескиот акцент. Кинеската амбасада во Бразил го осуди твитот, нарекувајќи го „апсурден, зол и расистички“. 

– Кинеската влада очекува официјално објаснување од Бразил – напиша на Твитер амбасадорот Јанг Ванминг. 

Расистичкиот твит доаѓа во време кога Бразил се надева да обезбеди помош од Кина за борбата против ковид-19. 

– Доколку Кина ни продаде 1.000 вентилатори, лично ќе клекнам на колена пред нивната амбасада и јавно ќе молам за прошка и ќе кажам дека сум идиот – изјави Вајнтрауб, повикувајќи ја Кина да стори повеќе во борбата против светската пандемија.

Министерот за здравство, Луиз Енрике Мандета, објасни дека Бразил се справува со недостиг на медицинска опрема, а некои од нарачките од Кина биле откажани без никакво објаснување. Бразил, чиј најголем економски партнер е Кина, се соочува со 11.000 заболени од коронавирус и над 500 смртни случаи. 

Односите меѓу двете земји се влошија и поради серијата објави на Твитер од страна на Едуардо Болсонаро, синот на претседателот Жаир Болсонаро. Тој ја критикуваше кинеската диктатура, како и справувањето на Кина со епидемијата. Во неговите објави тој вирусот го нарекува „кинески вирус“, исто како што често тоа го прави и американскиот претседател Доналд Трамп. Оваа фраза го разгневи Пекинг, а Светската здравствена организација советуваше истата да не се употребува бидејќи се смета за расистичка.