Во Македонија никој нема точен податок дали и колку припадници на ИСИС се вратиле во државата од почетокот на пандемијата, ниту, пак, дали тие имаат какви било активности, иако се тврди дека се следи нивната активност

Веста за кривична пријава против скопјанка, која во два наврата патувала во Сирија како припадничка на ИСИС, повторно ја враќа темата за македонските државјани што се членови на терористички организации. Коронавирусот, кој не ги одмина ниту борците на ИСИС, предизвика нивно пасивизирање од борбените активности, но и голем дел од тие борци да се вратат во матичните држави. Во Македонија никој нема точен податок дали и колку припадници на ИСИС се вратиле во државата од почетокот на пандемијата, ниту, пак, дали тие имаат какви било активности, иако државата официјално тврди дека постојано ја следи нивната активност.

Уште на почетокот од пандемијата ИСИС се обиде да ја претстави ситуацијата како божја казна за Западот и ги повика своите членови да не патуваат во Европа и во држави каде што има вирус. Сепак подоцна, кога и цели кампови на ИСИС беа заразени од корона, светските медиуми пишуваа дека нивни членови ги напуштаат боиштата и се враќаат дома, а имаше и такви случаи како во Ирак, кога поранешни борци се приклучија во борбата против вирусот и им помагаа на заболените.
Безбедносни експерти предупредуваат дека самото враќање на борците во матичните држави не мора да значи и опасност, освен ако тие овде не се групираат.

Според информациите на Министерството за внатрешни работи, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам поднесе кривична пријава против 38-годишната Л.С. од Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело помагање, а во врска со кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоени или во параполициски формации.

– Пријавената двапати, со умисла, заминала за Сирија каде што учествувала во активностите на терористичката организација Исламска држава (ИСИС). На 10 март годинава била депортирана со лет од Истанбул во Скопје – информираат од МВР.
Аналитичарот Цане Мојановски вели дека никој, освен државните органи не може да знае колку луѓе што се бореле на тамошните боишта влегле во земјава. Секако дека тие претставуваат сериозна опасност. Сепак, органите задолжени за безбедноста на државата и граѓаните треба сериозно да се занимаваат со овој проблем – посочува Мојановски.

Неофицијалните бројки, кои се веќе неколкупати јавно спомнувани, се врзуваат за процените дека околу 155 лица од земјава заминале во периодот од 2013 до 2015 година на боиштата во Ирак и во Сирија.

Според неофицијалните информации, државните безбедносни структури имаат некакви процени и анализи за бројот на вратени лица, но она што недостига е официјална државна програма за ресоцијализација на овие лица.
Од Исламската верска заедница во земјава велат дека немаат никакви информации за повратници од ИСИС.
– Не сме запознаени ниту со последната ситуација дека е уапсена македонска државјанка – посочуваат од ИВЗ.

Оттаму посочуваат дека ИВЗ со години гласно реагирала против манипулацијата на младите да се приклучат во странските војни.

[email protected]