Британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави дека Велика Британија го поминала врвот на пандемијата на коронавирус и сега разгледува стратегија за ублажување на ограничувањата.

– Го поминавме врвот и се движиме надолу. Сега можеме пред нас да ја видиме сончевата светлина – рече Џонсон.

Тој додаде дека следната недела ќе излезе со „сеопфатен план“ за повторно воспоставување на економијата, отворање на училиштата и олеснување на патувањата.

Џонсон сепак предупреди на опасноста од наглото прекинување на мерките, коментирајќи дека тоа може да доведе до втор бран на пандемија.

Џонсон изјави дека уште 674 лица починале од коронавирус во Велика Британија во последните 24 часа, а биле извршени повеќе од 80.000 тестови во текот на овој период, најмногу досега во еден ден.