Несекојдневна група неделава одржа протест против, како што беше истакнато, присилното вакцинирање, пред Универзитетската болница на Статен Ајленд во Њујорк.  Протестираа вработените во болницата, односно голем број на медициски сестри, медицински техничари и службеници за контрола на инфекции, кои скандираа „јас не сум лабораториско глувче“, пренесува „Њујорк тајмс“.

Протестите пред болницата почнаа минатиот понеделник откако „Нортвел хелф“, најголемиот медицински провајдер во Њујорк, почна да бара неделно тестирање за невакцинираниот персонал од болницата, со што во спротивно тие ризикуваат да бидат отпуштени.

Дел од демонстрантите, кои ги отфрлаат научните податоци и се повикуваат на нарушување на нивните човекови права, изјавија дека се подготвени дури и да ги изгубат работните места, додека други размислуваат за напуштање на сојузната држава и заминување во Фрлорида, каде што условите за работење во болниците не се толку строги.

Некои од демонстрантите себеси се нарекуваат „Отпорот“, и се обидуваат да придобијат и медицински работници од други сојузни држави со цел да формираат национално движење. Истовремено, научниците велат дека оние здравствени работници кои одбиваат да се вакцинираат се потенцијални загрозувачи на животот на пациентите.

Статен Ајленд има една од највисоките бројки на заразени од ковид-19 во Њујорк. Агресивното спротивставување на вакцините, па дури и обичното, рутинско тестирање во болницата ги потврдува предизвиците во информирањето на невакцинираните лица, а токму медицинскиот персонал би можел да послужи како пример за другите.