Фото: Принт-скрин

Шеесет и осум медицински работници кои присуствувале на голема божиќна прослава во јужна Шпанија се заразиле со коронавирус, соопштија денеска тамошните власти.

Според „Би-би-си“, повеќето од заразените се лекари и медицински сестри кои работат на одделот за интензивна нега во регионалната болница во Малага.

Здравствените власти соопштија дека сите биле на забава минатата среда на која присуствувале околу 170 луѓе.

Во соопштението се додава дека заразените медицински лица се целосно вакцинирани и дека немаат никакви симптоми на вирусот.

Во локалните извештаи се наведува дека лекари и медицински сестри од други одделенија на регионалната болница во Малага се прераспределени за да ги заменат своите колеги.

Епидемијата ја зголеми загриженоста за ризикот од ширење на ковид-19 на групните настани за време на Божиќ, а здравствените власти во Андалузија го советуваа медицинскиот персонал да не присуствува на божиќните забави, јавува „Би-би-си“.

Како и многу европски земји, Шпанија бележи зголемување на инфекциите со коронавирус во последните недели, што предизвика страв од четврти бран како што се приближуваат постудените зимски месеци.