Германската лабораторија „Бионтек“ која е соработник во изразботката на вакцината на „Фајзер“ предупреди дека не може да гарантира максимална ефикасност на нејзината вакцина против коронавирус ако втората доза се одложи и временскиот интервал помеѓу две инјекции е подолг од пропишаните три недели.

„Бионтек“ посочува дека нема податоци што би ги поддржале плановите на некои земји да го поместат давањето на втората доза за да опфатат поголем број на луѓе со ограничените резерви на вакцини.

Велика Британија предизвика контроверзи објавувајќи дека планира да го одложи давањето на втората доза од вакцината до 12 недели со цел на повеќе луѓе да им се овозможи заштита барем со една доза, а сега и Германија ја разгледува таквата можност.

Двете земји се загрижени од новиот, позаразен вид на коронавирусот што се појави во Англија и веќе се прошири и во други европски земји.

– Ефикасноста и безбедноста на вакцината е тестирана во клинички испитувања со примена на две дози при што интервалот меѓу нив мора да биде 21 ден – велат од „Бионтек“.

– Дури и ако податоците покажуваат дека постои делумна заштита уште во 12-тиот ден по првата доза, нема податоци што укажуваат на тоа дека заштитата сè уште постои по 21-от ден – истакна портпаролот на лабораторијата.