Коосновачот на „Мајкрософт“ и мултимилијардер, Бил Гејтс, истакна дека затворањето на државите една по една во САД не е добро решение за да се спречи ширењето на коронавирусот.

– Добрата вест е дека Кина направи сериозен карантин, поригорозен отколку што ќе направат најдобрите американски држави. После шест недели, тие почнаа полека да се отвораат и падна бројот на нови случаи. Тоа е многу добра вест. Значи, кога ќе ги разгледаме нивните броеви или на пример оние во Јужна Кореја каде ја ставија ситуацијата под контрола, јасно е дека САД се наоѓаат во тежок период. Можеме да воведеме карантин кој исто ќе трае од 6 до 10 недели, но тоа мора да се случи во целата земја. Мораме драматично да ги зголемиме тестирањата, да ја затвориме земјата и да го намалиме бројот на смртни случаи – рече Гејтс.

Колку побрзо САД воведат карантин, смета тој, толку помали ќе бидат економските штети.

– После тоа, ќе добиеме економски проблем, затоа се препорачува да се реши проблемот што е можно поскоро, но затворањето држава по држава нема да помогне. Ние ќе имаме експоненцијален раст на случаите секаде каде што нема да имаме сериозен карантин – рече Гејтс.