Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ вчера го издаде нејзиниот четврти годишен извештај кој го следи бавниот, но стабилен напредок, што светот го забележал во однос на десетици здравствени цели поставени од Обединетите нации во 2015 година, пренесува „Њујорк тајмс“.

Оваа година извештајот беше несомнено песимистички. Пандемијата ги уништи ефектите на долгогодишната работа. Повеќе луѓе живеат во сиромаштија, неисхранетоста се зголемува, а се помал број на деца се имунизирани, според извештајот.

Процената доаѓа додека САД се силно погодени од вирусот и се повлекуваат од сцената на светското здравје, додека се фокусирани само кон целта да се спасат себеси. Во интервјуто за „Њујорк тајмс“ Бил Гејтс зборуваше токму и за улогата на САД во светското здравство.

Коосновачот на „Мајкрософт“ моментно лобира во Белата куќа и во Конгресот за зголемување на финансискиот пакет за кој расправата во Конгресот е во тек, за четири милијарди долари, со цел сиромашните држави да добијат вакцини против ковид-19. Цел на Гејтс е двојно да ја зголеми американската помош за странство, за што гледа можност во пандемијата. 

– Како што велат, владата на САД, откако проба повеќе нешта, сега го прави вистинскиот потег – кажа Гејтс, нагласувајќи дека економските последици беа далеку поголеми во земјите во кои луѓето и властите „немаат резерви што можат да ги искористат“.

Тоа се должи и на колапсот на туризмот, затворањето на пристаништата, рудниците и нафтените наоѓалишта како и на училиштата, што претставува дополнителен стрест за осетливите здравствени системи, доведувајќи до страдање на економиите. Според извештајот на фондацијата, Толку голем број држави во рецесија немало уште од 1870 година. Згора, во изминатите неколку месеци 37 милиони луѓе западнале во екстремна сиромаштија (се дефинира со дневни приходи под два долара). 

– Колку подолго пандемијата ќе трае, толку пострашни ќе бида економските лузни – истакнал Гејтс.

Процентот на деца кои ги примиле сите вакцини препорачани од Светската здравствена организација минатата година се зголемил на 84, а сега таа бројка опаднала на 70 отсто, колку што изнесувала и пред 25 години. Се зголемува и смртноста од маларија, глад и морбили, како што се тврди во извештајот.

Но, и покрај проблемите, Гејтс останува оптимист дека загубеното може да се надомести за две до три години. Тој смета дека со имунизацијата на светското население, што очекува да се оствари до 2022 година, повторно ќе се вратат приходите од туризмот, заемите од Светската банка и од други извори.