Влијанието на софтверскиот могул врз Светската здравствена организација (СЗО) предизвика остри критики за погрешни приоритети и неоправдано мешање

Автори: Натали Хуе и Кармен Пон

Политико

Некои милијардери сакаат да се почестат со остров, а Бил Гејтс се почести со здравствената агенција на ООН во Женева. Во изминатата деценија, најбогатиот човек на светот стана вториот најголем донатор во СЗО, веднаш зад САД, а пред Велика Британија. Ваквата дарежливост му дава огромно влијание врз активностите на организацијата кои можат да се зголемат, ако САД и Велика Британија се заканат да го намалат уделот доколку агенцијата не се залага за подобри инвестиции.

Според критичарите, ова резултираше со тоа што приоритетите на Гејтс станаа и приоритети на СЗО. Наместо да се фокусира на јакнење на здравствениот систем во сиромашните држави, агенцијата троши непропорционални суми на финансирање на проекти со мерливи исходи по вкус на Гејтс, како што е проектот за искоренување на детската парализа. Загриженоста за влијанието на софтверскиот милијардер, чиј удел од една четвртина во буџетот на СЗО е токму наменет за искоренување на оваа болест, доведе до обид да се ограничи неговото влијание.

Доказите за огромното влијание на Гејтс се суптилни и претенциозни. Речиси пред една деценија, кога Гејтс почна да донира пари за искоренување на маларијата, врвни функционери, меѓу кои и шефот на програмата за маларија на СЗО, упати загриженост дека организацијата ги менува истражувачките приоритети. Милијардерот беше првото приватно лице што се обратило на генералниот состанок на членките на СЗО. Малкумина се осмелуваат отворено да го критикуваат. Повеќето од 16 интервјуирани на таа тема сакале да останат анонимни.

– На него гледаат како шеф на држава, не само во СЗО туку и на Г20 – вели претставник на НВО од Женева и притоа смета дека Гејтс е еден од највлијателните лица во светското здравство.

Сепак, неговото влијание ги загрижува невладините организации и академиците. Некои здравствени поборници стравуваат дека поради тоа што парите на фондацијата на Гејтс потекнуваат од инвестиции во големи бизниси, тие ќе послужат како „тројански коњ“ за корпоративните интереси да ја нарушат улогата на СЗО во воведувањето на стандарди и креирањето на здравствените политики. Други стравуваат дека органот на ООН премногу се потпира на неговите пари и дека тој еден ден може да се премисли и да ги релоцира средствата. Гејтс и неговата фондација се запознаени со критиките, но се убедени дека позитивно влијаат со нивните инвестиции.

Нешто за возврат

Фондацијата на Гејтс вложи над 2,4 милијарди долари во СЗО од 2000 година додека земјите не сакаа да го зголемат нивниот влог во агенцијата, особено по финансиската криза од 2008 година. Обврските на членките сега изнесуваат помалку од една четвртина од 4,5 милијарди вредниот двогодишен буџет на СЗО. Останатиот дел се донации на владите, Гејтс, други фондации и компании. Бидејќи овие средства обично се наменети за посебни проекти или болести, агенцијата не може на своја рака да одлучи како да ги користи.

Искоренувањето на детската парализа е досега најфинансираната програма во СЗО со инвестиција од најмалку шест милијарди долари во периодот од 2013 до 2019 година од кои фондацијата на Гејтс вложи околу 60 отсто. Поради тоа, таа има огромна важност во агенцијата.

– Доаѓаат со спремни чекови и со паметни идеи – вели Лори Гарет, советничка за светско здравје во Советот за надворешни односи.

Таа вели дека поголем дел од влијанието на фондацијата на Гејтс во СЗО е дискретно и таа одлучува за иницијативите надвор од организацијата, како во случајот со ГАВИ што им овозможи на најсиромашните земји да купуваат вакцини на големо, со попуст или со новата Коалиција за иновации за подготвеност за епидемија, која треба да развива вакцини за нови заразни болести.

Но фокусот на фондацијата кон вакцини и лекови, наместо на јакнење на здравствениот систем предизвика лавина критики. Некои невладини организации се загрижени дека агенцијата се претвора во индустрија. Триесет групи за здравствен интерес испратија отворено писмо до извршниот одбор на СЗО противејќи се на одлуката фондацијата на Гејтс да стане официјален партнер, затоа што нејзините приходи потекнуваат од инвестиции во компании кои се косат со целите во јавното здравство, како кока-кола.

Од фондацијата изјавија дека функционираат како посебен ентитет од трустот благодарение на „строгите политики“ и дека останува независна од инвестициите кои строго ги исклучуваат индустриите на тутун, алкохол и оружје.

Издвојување на многу пари

Загриженост за зголемената улога на приватни пари ги натера членките да се согласат на нова политика на управување и вклученост на ентитети како приватни фондации, фирми и невладини организации. Покрај критиките, одборот на СЗО ѝ даде посебен статус на „официјални односи“ на фондацијата на Гејтс. Во пракса, ова не го менува односот кој агенцијата го има со фондацијата. Гауденц Силбершмит порача дека новиот статус се базира на тригодишен план за соработка. Органот на ООН исто така претходно го смени начинот на изгласување на буџетот, при што им се даде предност на земјите. Тоа значи дека Гејтс може да вложи пари во проекти само ако добијат поддршка од 194 членки.

Со најдобри намери

Влијанието на Гејтс повторно беше доведено во прашање кога се избираше нов шеф на СЗО. Кандидати за таа позиција беа Санија Ништар, кардиолог од Пакистан, која вети дека ќе ја врати „старата слава на агенцијата“, Дејвид Набаро, британски доктор и поранешен специјален пратеник за ебола на ООН, како и Тедрос Адханом Гебрејезус кој беше министер за здравство и надворешни работи во етиописката влада. Еден француски дипломат посочи дека Гејтс го поддржувал Тедрос бидејќи финансирал здравствени програми во неговата држава додека бил министер за здравство. Од фондацијата ги негираа тврдењата, велејќи дека таа не може да заземе став, затоа што нема право на глас како земјите и мора да биде неутрална.

– Не мислам дека имаат лоши намери. Тие се само големи играчи кои веднаш имаат пари на располагање и можат да направат промени – порача еден дипломат од Женева.

– Од тоа што можам да заклучам, луѓето се навистина среќни кога некој инвестира пари – вели друг извор.

Превод: Билјана Здравковска

Потсетување на текстот на „Политико“ кој првично беше објавен во април 2017 година, а и денеска е меѓу најчитаните на интернет-страницата на магазинот