Во 2015 година, коосновачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс предвиде дека глобалната опасност во иднина нема да биде во форма на испалени ракети, туку во форма на микроби, опасност која би можела лесно да однесе 10 милиони животи и да збрише три трилиони долари од светската економија, пренесува „Гардијан“.

Поради ова, Гејтс (неговото богатство се проценува на 104,9 милијарди долари) ги насочи неговите пари (вложи 100 милиони евра) за да ја оформи Коалицијата за иновации и епидемска подготвеност (ЦЕПИ), глобална алијанса на јавно, приватно и филантропско финансирање за развој на вакцини и подготовка за реагирање на новонастанати зарази. ЦЕПИ беше отворена за време на форумот во Давос во 2017 година, и сега е клучен играч во трката за развивање вакцина за ковид-19. Затоа, се чини како сега да е одличен момент да се истакне суштината и улогата на филантропијата, и покрај цинизмот и потсмевот што честопати таа го добива. 

Постои широко распространето гледиште дека филантропските елити не треба да се обидуваат да ги решат проблемите во светот, односно дека за таа цел општествата треба да ги користат само парите собрани од даночниот систем. Но, приватните донатори, големи и мали, даваат значаен трикратен придонес за справување со коронавирусот – преку финансирање на истражувањата, пружајќи помош, и поставување на патеката за обнова и подобра иднина. 

Приватната филантропија отсекогаш уживала поголема слобода во однос на државната, па дури и од приватниот сектор кога станува збор за правење долгорочни и потенцијално ризични инвестиции. Донаторите први пристапија на помош на најпогодените од воспоставениот карантин, а исто така и на оние кои се на фронтот во борбата против вирусот. Многу добротворни фондации брзо креирааат нови стратегии со поголеми буџети и неограничени финансирања со цел да помогнат во одржувањето на добротворните цели, бидејќи во време на криза, донаторите се соочуваат со двоен предизвик, зголемена побарувачка на нивните услуги, како и значителен пад на приходите од прибирањето средства. 

Јавното и приватното финансирање имаат различни улоги, уживаат различни предности и се соочуваат со различни ограничувања. Сепак, донациите кои не се оданочуваат имаат критична улога. Ставот дека само избраните власти треба да се обидуваат да ги решат светските проблеми, и оти тука нема улога за богатите елити, е поттикнат од разбирливиот гнев кон растечката нееднаквост и недовербата кон елитите. 

Но, пандемијата покажа дека оданочувањето на добротворните донации претставува лажна дихотомија. Добротворните организации се соочуваат со досега невидена криза за финансирање. Сепак, добротворните акции, без оглед дали поддржуваат истражувања или иницијативи за подобрување на менталното здравје, се потребни како никогаш досега. Не треба да се аплаудира јавно во чест на филантропите, но можеби треба токму сега да се охрабри филантропијата, во времињата кога е најпотребна.