Поранешниот италијански премиер, Силвио Берлускони, рече дека се плашел дека ќе умре од ковид-19 и дека сè уште се чувствува многу уморен и исцрпен.

– Сè ме болеше, не можев да бидам во иста позиција повеќе од една минута. Се плашев дека нема да преживеам – изјави Берлускони (83) за „Кориере дела сера“.

Берлускони помина повеќе од една недела во болницата Сан Рафаеле во Милано, каде му беше дијагностицирана пневмонија поврзана со ковид-19. Тој беше пуштен на домашно лекување во понеделникот.

– Во првите денови во болницата се плашев за својот живот, да – рече тој.

– Мојот совет до сите пациенти е: не попуштајте, никогаш не губете надеж дека ќе се опоравите. Коронавирусот може да се победи. Се чувствувам многу уморно, истоштено. Таков е ковидот. Но, успеав да го надминам тој тежок предизвик и затоа сум среќен – вели Берлускони.

Тој потврди дека дел од неговото семејство, вклучително и внуци, биле заразени, но немале сериозни симптоми и сите оздравеле.