Главниот град на Германија, Берлин од денеска на баровите и рестораните им забрани да работат од 23 до 6 часот наутро, поради загрижувачкиот раст на заразата со коронавирус.

Градот Франкфурт претходно презеде слична мерка, која на сила стапи вчера вечер помеѓу 22 и 6 часот, со затворање на баровите и рестораните и забрана на продажбата на алкохол.

Во Берлин, оваа мерка, која ги погодува сите локали, освен аптеките и бензиските пумпи, ќе биде на сила најмалку до 31 октомври, соопштија властите.

Продажбата на алкохол на бензиските пумпи или во прехранбените продавници исто така е забранета по 23 часот.

„Не е време за забава“ рече социјалдемократскиот градоначалник на главниот град на Германија, Михаел Милер.

„И можеме и сакаме да спречиме уште едно затворање во домовите, кое би било построго од претходното“, предупреди тој во посебна порака до граѓаните на возраст од 20 до 40 години.

„По три чаши пијалок, мерките помалку се почитуваат“ изјави Дирк Берент, претставник на правосудството во Берлин.

Градската левичарска власт исто така одлучи сериозно да ги ограничи социјалните контакти. Од денеска, помеѓу 23 и 6 часот наутро, надвор несмеат да се собираат повеќе од петмина, а во текот на денот може и до 50 луѓе.

Во текот на денот во затворен простор може најмногу 10 луѓе, наместо досегашните 25.

Овие мерки во главно се насочени кон спречување на клучните забави и непријавени масовни прослави, за кои берлинските власти сметаат дека се извор на ширењето на новиот коронавирус.

Здружението на сопственици на локали во Берлин сметаат дека ограничувањето на собири и забраната на нивната работа ноќе, се погубни за нив и подготвуваат тужби.