Комбинираното богатство на американските милијардери, вклучувајќи ги основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и на „Тесла“, Илон Маск, се зголеми 10 проценти за време на пандемијата на коронавирусот, објави Институтот за политички науки (ИПС).

Според оваа статистика, вредноста на имотот на најбогатите Американци се зголемила додека 22 милиона луѓе во САД ги загубиле своите работни места.

И покрај тоа што целата економија е во рецесија, акциите на некои технолошки компании, како „Зум“, скокнаа во последните неколку недели поради честите видеоконференции и потребата од технологија за работа од далечина. Поради ова, основачите на ваквите компании го зголемија своето богатство.

– Ова е приказна за две пандемии со нееднакви жртви – вели коавторот на извештајот, Чак Колинс.

Помеѓу 1 јануари и 10 април, 34 од најбогатите Американци тежат десетици милиони долари повеќе, се вели во извештајот.

Осуммина од нив, вклучувајќи ги Безос, Маск и основачот на „Зум“, Ерик Јуан, заработиле над милијарда долари секој одделно.

Богатството на американските милијардери во последните десет години скокнало повеќе од 80,6 проценти, наведува ИПС.