Африка би можела да стане новo жариште на пандемијата на коронавирус, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), јави Би-би-си.

Досега има речиси 1.000 смртни случаи и над 18.000 случаи на заразени низ Африка, иако овие стапки се многу пониски од оние во Европа или САД.

Минатата недела имаше големо зголемување на бројот заразени, каде новиот вирус почнува да се шири.

Од СЗО велат дека вирусот се чини дека се шири преку африканските престолнини. Исто така беше истакнато дека на континентот нема доволно респиратори за борба против пандемијата.

Директорката на СЗО за Африка, Матшидисо Моети, за Би-би-си изјави дека организацијата била сведок на ширење на вирусот од поголемите градови кон внатрешноста во Јужна Африка, Нигерија, Брегот на Слоновата Коска, Камерун и Гана.

Таа рече дека тие сега се фокусираат на превенција, а не на лекување на вирусот затоа што африканските земји немаат капацитет да лекуваат голем број на пациенти.

– Морам да кажам дека проблемот со респираторите е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат земјите – рече таа.

За пациенти со ковид-19, пристапот до респиратори може да биде прашање на живот и смрт. Исто така, се стравува дека заразата би можела брзо да се рашири во преполни места каде што е невозможно да се практикува социјално растојание и каде што многумина немаат пристап до чиста вода и сапун.