Додека целиот свет е во исчекување барем една од вакцините за ковид-19 кои се во фаза на човечко тестирање да ги исполни потребните безбедносни и критериуми за ефикасност, здравствените експерти се прашуваат што ќе се случи доколку голем дел од луѓето одбијат да бидат вакцинирани, пренесува „Блумберг“.

Иако вакцините се заслужни за спас на милиони животи секоја година, постои мала но своеглава група на антиваксери, кои упорно ја одбиваат науката и продолжуваат да веруваат во теориите на заговор. Бројот на антиваксерите, за жал, продолжува да расте, а Светската здравствена организација (СЗО) е во постојана борба со теориите на заговор и со ширењето на лажните вести. 

Сепак, здравствените експерти не ги загрижува фанатичната група антиваксери, туку останатите луѓе, кои иако примаат вакцина за грип и ги вакцинираат своите деца, имаат сомнежи во властите и во здравствените експерти. 

Тоа што ја загрижува СЗО е недовербата на граѓаните во вакцината за коронавирусот. Еден од шест испитаници во Велика Британија изјавиле дека дефинитивно или најверојатно нема да се вакцинираат против ковид-19. Според анкета на Си-ен-ен, една третина од Американците нема да се вакцинираат доколку вакцината биде произведена. 

Дел од скептицизмот се должи на недовербата кон фармацевтската индустрија, а дел на недовербата кон властите. Или едноставно, голем дел од луѓето веќе губат надеж дека вакцините воопшто можат да нѐ заштитат од болестите кои постојат во денешницата. 

– Вакцина која е 70 до 75 отсто ефективна, но примена од една третина на населението не е доволна за да создаде колективен имунитет за економијата да се врати во нормала. Затоа властите имаат пред себе голем предизвик за да ги уверат своите граѓани да се вакцинираат – вели д-р Антони Фаучи, експерт за заразни болести на САД. 

Доколку ризиците не се јасно објаснети или се јават одредени проблеми во врска со вакцините, тоа би можело дополнително да ја подрие довербата во властите, институциите, па дури и во здравствените експерти, што ќе предизвика големи последици по јавното здравство и економијата.

Додека воспоставените вакцини се поврзани со некои ретки случаи на сериозни заболувања, истражувачите не откриле поврзаност меѓу утврдените вакцини и негативните влијанија во повеќето случаи. Сепак, ова не го спречи ширењето на неточните информации.

– Фактот што вакцината е произведена за толку кратко време е доволна причина за загриженост и недоверба кај луѓето – вели Оксана Пизик, соработник на фармацевтското училиште при Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Според неа, покрај ефикасноста и безбедноста, постојат и други проблеми на кои властите треба да се осврнат, како што е појавата на лажни вакцини. СЗО вели дека еден од 10 медицински производи што циркулираат во земји со ниски и средни приходи е фалсификуван или не ги исполнува стандардите. Фалсификувани лекови доведуваат до труење, болести и други опасности. Властите веќе откриле лажна израелска вакцина против коронавирус која се продава во Јужна Америка.

Било какви сомнежи за квалитетот на вакцината, на која може да влијае и несоодветното складирање или транспорт, ќе влијаат врз довербата на граѓаните. А таа доверба беше сериозно тестирана дури и пред пандемијата и го зголеми скептицизмот, како кон лекарите, така и кон компаниите за лекови. 

– Разбирливо е дека луѓето се повеќе загрижени за новите вакцини, но сите потенцијални вакцини против ковид-19 се подложени на детално тестирање за тие да бидат ефикасни и безбедни – вели д-р Мери Рамсај, шеф за имунизација на јавното здравство во Англија.

Недовербата на граѓаните кон властите и експертите зависи од отстранувањето на нивните грижи и искреноста кога станува збор за науката, бидејќи криењето на недостатоците и можните несакани ефекти не е во корист ниту за здравствените експерти, ниту за целокупното јавно здравје.