Речиси сите ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирусот беа укинати денес во Англија на денот наречен ден на слободата и покрај зголемувањето на бројот на нови случаи, што ги загрижува научната заедница и некои политичари.

Од полноќ во Англија салите и стадионите може да се отворат со полн капацитет, дискотеките може повторно да се отворат, повторно може да се оди во баровите и пабовите и веќе нема ограничување за бројот на луѓе што може да се соберат на едно место. Ова е ново поглавје во борбата против пандемијата. Носењето маска повеќе не е задолжително, но се препорачува за јавен превоз и во продавници, пишуваат англиските медиуми.

Британскиот премиер, Борис Џонсон, го предупреди населението да биде внимателно.

– Ве молиме, бидете претпазливи и преминете на следната фаза на мерките за олеснување, со целосна претпазливост од ризиците што сè уште ги носи болеста – беше порачано од Џонсон.

Без оглед на зголемениот број нови случаи на коронавирус, тој се надева на вакцината. Доколку вакцината докаже дека заштитува од потешки форми на болест и смрт и покрај зголемениот број заразени, тоа може да биде важна информација за другите земји во смисла на враќање во нормален живот, пишуваат медиумите.

Велика Британија е на седмото место во светот според смртни случаи, но 87 проценти од британското возрасно население примило барем една доза од вакцината, а повеќе од 68 проценти две дози. Бројот на починати во текот на денот, кој сега е околу 40 лица, е далеку од бројките од врвот на пандемијата во јануари кога имаше 1.800 лица.

Целта на укинувањето на мерките е забрзување на економското закрепнување, но таа амбиција може да биде загрозена доколку се појават десетици илјади нови инфекции дневно принудувајќи стотици илјади луѓе да се самоизолираат. Џонсон и секретарот за финансии, Риши Сунак, во моментот се во самоизолација затоа што биле во контакт со лице заразено од коронавирус.