Одредени научници и познавачи на состојбата, како што е водечкиот американски експерт за заразни болести доктор Ентони Фаучи, се осврнаа на можноста за појава на втор бран на пандемијата наесен, што би уследил по очекуваното забавување на ширењето на ковид-19 во текот на летото, додека доктор Кент Сепковиц сугерира оти наскоро доаѓа и четвртиот бран, со кој, според него, САД веќе се соочуваат, пишува „Форбс“.

Центрите за контрола на заразни болести на САД веќе предупредија дека Америка би можела да се соочи со втор бран на вирусот наесен, како што беше случајот со свинскиот гирп во 2009 година. Дотогаш голем дел од заразените ќе бидат излекувани, но се очекува значителен дел од популацијата да остане подложен на заразата, според д-р Роберт Редфилд, директорот на Центрите за контрола на заразни болести на САД.

Сепковиц даде свое толкување за брановите. Тој смета дека првиот бран во САД почнал да се шири од Западниот брег, а Њујорк бил погоден во вториот бран. Во третиот бран коронавирусот погодил градови како што се Њу Орлеанс, Детроит и Атланта, создавајќи нови жаришта. А Сепковиц тврди дека САД влегле во четвртиот бран со ширењето на вирусот во помалите градови, подривајќи го верувањето дека ќе бидат погодени само густо населените места.

– Прекинувањето на воспоставениот синџир на здравствена нега кој се протега од локално до регионално ниво би можел да резултира со најголемата трагедија досега – предупредува Сепковиц.

Помалите градови немаат капацитети за справување со вирусот, па се очекува пациентите да бидат префрлани во поголемите центри, кои веќе имаат наплив на заразени.