Американската разузнавачка заедница денес призна дека нејзините агенции имаат три теории за потеклото на ковид-19, наведувајќи дека две агенции веруваат дека се појавил по природен пат, т.е. преку човечки контакт со заразени животни, додека трета ја прифаќа теоријата за лабораториска несреќа како причина за глобална пандемија.

– Американската разузнавачка заедница не знае точно каде, кога и како првично бил пренесен вирусот ковид-19, но се обедини околу две можни сценарија – наведува канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка служба.

Повеќето агенции веруваат дека нема доволно информации за да може да се направи процена дека едно сценарио е поверојатно од друго, додаваат од канцеларијата.

Во соопштението не е прецизирано кои две од 17 агенции што ја сочинуваат американската разузнавачка заедница веруваат дека вирусот потекнува од заразени животни, а кои веруваат во теоријата за несреќата во лабораторијата, пренесува „Ројтерс“.

Кина го критикуваше барањето на американскиот претседател, Џо Бајден, американските разузнавачки агенции да започнат нова истрага за изворот на коронавирусот, обвинувајќи го Вашингтон дека сака да го политизира ова прашање.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, посочи дека САД се обидуваат да ја обвинат Кина за пандемијата и ја бранеше неговата земја од сомнежите дека коронавирусот излегол од лабораторија, како резултат на безбедносен пропуст.

Тој истакна дека експертите од Светската здравствена организација (СЗО) во февруари заклучиле оти претпоставката за „протекување“ на вирусот од лабораторија е крајно неверојатна.

„Некои во САД замижуваат пред фактите“, рече Жао, додавајќи дека Соединетите држави сакаат да го свртат вниманието од, како што кажа, сопствениот неспособен одговор на пандемијата. Тој исто така сугерираше дека изворот на коронавирусот можеби била лабораторија на американската армија.

– Постојат многу сомнежи во врска со лабораториите во Форт Детрик, а САД имаат повеќе од 200 биолошки лаборатории во светот – рече тој.

Ако САД побараат од Кина да учествува во целосна истрага, Кина ќе побара од САД да ја следат таквата постапка и да дозволат меѓународни истраги.

Аманда Шох, помошник директор на националното разузнавање на САД за стратешка комуникација, објави дека истрагите ќе продолжат агресивно, а претходно беше објавено дека некои разузнавачки агенции во САД се поделени околу тоа дали вирусот се проширил од заразени животни на луѓе или „избегал“ од лабораторија.

– Разузнавачката заедница не знае точно каде, кога и како првично бил пренесен вирусот, но се фокусира на тие две веродостојни сценарија – се вели во соопштението од Кабинетот на директорката на Националното разузнавање на САД.

„Иако два елемента од разузнавачката заедница се склони кон првото сценарио, а еден кон второто сценарио, повеќето агенции веруваат дека нема доволно информации за да се процени кое сценарио е поверојатно“, се додава во извештајот.

Американскиот претседател Џо Бајден во средата изјави дека разузнавачката заедница на САД е поделена околу потеклото на коронавирусот, без разлика дали тој преминал од заразено животно на човек или дали станува збор за лабораториска несреќа. Тој повика на продолжување на истрагата за изворот на пандемијата на ковид-19.