Коронавирусот побрзо ја губи силата кога е изложен на сонце, топлина и влага, изјави официјален претставник на американската влада, сигнализирајќи дека болеста позната како ковид-19 може да стане помалку заразна во наредните летни месеци.

Американските научници открија дека вирусот преживува најдобро во затворени и суви простори, а ја губи силата кога температурите и влажноста се зголемуваат, особено кога е изложен на сончева светлина, рече в.д. шефот на Бирото за наука и технологија во рамките на американското Министерство за внатрешна безбедност, Вилијам Брајан.

– Вирусот умира брзо во присуство на директна сончева светлина – истакна Брајан.

Овој наод ги зајакнува надежите дека короната ќе го следи однесувањето на други респираторни заболувања, како што е грипот, кои обично се помалку заразни при потопли временски услови.

Сепак, има некои случаи каде новиот коронавирус, се покажа како смртоносен и во топла клима како што е Сингапур, со што го доведе во прашање влијанието на временските услови врз неговото однесување.

Претседателот Доналд Трамп рече дека новите откритија треба да бидат толкувани со претпазливост.

– Се надевам дека луѓето ќе уживаат во сонцето и, ако има некаков ефект, тоа е ќе биде одлично – истакна тој.