Седумдесетгодишен Американец, кој бил во многу критична состојба поради ковид-19, добил шокантно висока сметка од 1,1 милион американски долари за трошоците за лекување во болница, пишува „Сиетл Тајмс“.

Мајкл Флор бил примен во болница во Сиетл на 4 март и останал таму 62 дена. Во еден момент тој бил толку блиску до смртта што сестрите му го држеле телефонот за да може да се збогува со сопругата и децата.
Спеак, Мајкл се опоравил и бил пуштен од болницата на 5 мај, на задоволство на лекарите и медицинските сестри кои се грижеле за него, за на крајот да добие сметка на 181 страница во висина од 1.122.501 долари, изјавил тој за весникот.

Тоа вклучува: 9.736 долари дневно за соба на интензивна нега, речиси 409.000 долари за претворање на собата во стерилен простор за 42 дена, 82.000 долари за употреба на респиратор за 29 дена и скоро 100.000 долари за двата дена кога бил во животозагрижувачка состојба.

Флор го покрива „Медикер“, програмата на Владата за осигурување на стари лица и нема да треба да плаќа од свој џеб, објави во саботата „Тајмс“.

Но, во земја каде здравствениот систем е еден од најскапите во светот и мислата да се направи достапен за секого останува многу контроверзна, тој рече дека се чувствува виновен, знаејќи дека даночните обврзници ќе ги сносат повеќето од трошоците за негово лекување.

– Спасот на мојот живот чинеше милион долари и секако дека сметам дека тоа се добро потрошени пари… Но знам дека можеби сум единствениот што ќе го каже тоа – истакнал Флор за „Тајмс“.

Конгресот одобри гигантски план за одржување на американската економија за време на коронавирусот, кој вклучува буџет од 100 милиони американски долари како компензација за болниците и приватните осигурителни компании кои се грижат за лекувањето на пациенти со ковид-19.