Сите 130.000 лица кои работат и живеат во австриските домови за стари лица ќе бидат тестирани на коронавирус за да се спречи ширењето на болеста, најави министерот за здравство, Рудолф Аншобер.

– На тоа подрачје има најголема опасност – рекол Аншобер, објаснувајќи зошто ќе бидат спроведени тестови во сите 918 старечки домови.

Обвинителите потврдиле дека се истражува случај за убиство од невнимание во старечки дом во Штаерска, по што весникот „Кронен Цајтунг“ објави дека се заразени 39 вработени и штитеници во установата со 160 кревети и дека починале шест луѓе.

Освен тоа, здравствените власти планираат да го прошират тестирањето и на вработените во малопродажбата. Малите фирми повторно се отворија оваа недела, бидејќи владата започна со план за постепено ублажување на карантинот.

Дневниот број на новозаразени со Ковид-19 падна оваа недела на околу 100 лица. Во Австрија има над 14.400 пациенти, од кои повеќе од 8.000 оздравеле, а 356 починале.