Австрија утре влегува во втората фаза од борбата против коронавирусот, која ќе биде пресудна, рече министерот за здравство, Рудолф Аншхобер, повикувајќи ги граѓаните да не го уништат сето она што е постигнато досега во борбата против епидемијата.

Утре во Австрија се отвораат продавниците со големина до 400 метри квадратни и продавниците за градежни материјали, со задолжително носење маски. Оваа обврска важи како за продавачите така и за купувачите.

– Да се задржи стапката на новозаразени на сегашното ниво, кога со денови се бележат повеќе излекувани отколку новозаболени, ќе биде голем предизвик за сите – рече министерот.

Во Австрија, со население од 8,8 милиони, потврдени се 13.942 случаи на коронавирус, излекувани се 7.343 пациенти, а починале 368. Бројот на хоспитализирани се намалил од 1.000 на 981, вклучително и 239 на интензивна нега.