Австриските граѓани од средината на јуни повеќе нема да треба да носат маски во училишта, продавници и во сферата на туризмот, откако бројот на активни случаи на коронавирус во земјата падна под 650, објави денеска австриската влада.

Австрија беше меѓу првите европски земји што воведе обврска да се носат маски, прибегнувајќи кон таа мерка уште на почетокот на април, во обид да го спречи ширењето на пандемијата на ковид-19.

Иако мерката значително ќе се олесни од средината на јуни, таа нема да биде целосно укината.

Маски и натаму ќе треба да носат патниците во јавниот превоз, фризерите и келнерите, а маска исто така ќе треба да се носи за време на јавни настани каде е невозможно да се задржи минимално растојание од еден метар.

– Маските ќе ги тргаме чекор по чекор – рече на прес-конференција канцеларот Себастијан Курц, истакнувајќи дека новата фаза подразбира помалку правила и поголема индивидуална одговорност.

Новата политика во врска со заштитните маски е само еден чекор во постепените напори на Австрија за враќање во нормалниот живот.

Хотелите и фитнес центите се отворија во петокот, откако продавниците, училиштата и рестораните беа отворени претходниве недели.