Австралиската војска соопшти дека испраќа илјадници свои припадници на улиците во Мелбурн за да спречи втор бран на инфекција во тоа ново жариште на коронавирус.

Државата Викторија бележи зголемување на бројот на нови инфекции со коронавирус, со речиси 150 случаи на ден во текот на минатата недела и со жариште во Мелбурн.

Иако бројот е сè уште мал во споредба со другите земји во светот, избувнувањето на заразата ја загрижи Австралија, која почна да ги олеснува рестриктивните мерки откако успешно го контролираше вирусот.

Министерката за одбрана, Линда Рејнолдс, објави дека илјадници војници ќе бидат испратени на улиците на Мелбурн во наредните денови.

Околу 850 војници ќе ги надѕираат патниците од странство кои се во карантин во хотелите, додека околу двесте други ќе обезбедат логистичка и медицинска помош на локациите за тестирање, додаде министерката.