Австралија ја проблематизираше транспарентноста на кинеските власти во одговорот на епидемијата на коронавирус и побара меѓународна истрага за појавата и ширењето на коронавирусoт. Овој вирус се верува дека настанал на пазар во кинескиот град Вухан во декември 2019 година.

Оттогаш, повеќе од 2,3 милиони луѓе се заразени, а над 160.000 умреа.

Австралиската министерка за надворешни работи Марис Пејн изјави дека е крајно загрижена за кинеската нетранспарентност во врска со епидемијата на коронавирусот.

– Проблемите со коронавирусот се прашања за независна истрага и мислам дека е важно тоа да го сториме – изјави Пејн за телевизијата АБЦ.

– Всушност, Австралија апсолутно ќе инсистира на тоа – додаде таа.

Австралија ја доведе епидемијата на коронавирус под контрола со 53 нови случаи пријавени во неделата, а вкупно 6.586 заразени пациенти, според Министерството за здравство.

Во Австралија досега починале вкупно 71 лице.

Додека Австралија бара истрага, американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека Кина би можела да се соочи со последиците од тоа да биде одговорна за пандемијата.

Пекинг ги отфрла обвинувањата за нетранспарентност.