Човекот што управува со Бергамо ја задржа поддршката, наспроти грешките во пандемијата

107

Автор: Џорџо Леали 

Политико

Градоначалникот на Бергамо признава дека биле направени грешки за време на пандемијата, но и натаму има поддршка од народот

Со векови ѕвоното на саат-кулата во Бергамо ѕвонеше 100 пати секоја вечер точно во 10 часот. Коронавирусот не го запре ѕвонењето, но промени многу нешта во Бергамо, просперитетниот град со 120.000 жители на нешто помалку од еден час оддалечен на север од Милано, со живописен плоштад и силен фудбалски клуб, кој стана епицентар на пандемијата во Европа.

Според официјалните податоци, 3.110 лица починаа од вирусот во провинцијата Бергамо меѓу јануари и мај. Стапката на смртност во провинцијата од вирусот беше 278 лица на 100.000 жители и беше шест пати повисока од нормалното. Бројот на дневни случаи во Бергамо сега може да се изброи на две раце.

– Како да бевме во еден котел и секој ден температурата се зголемуваше за еден степен, додека не почна да врие – објасни за „Политико“ Џорџо Гори, градоначалникот на Бергамо.

Во својата канцеларија со високи ѕидови во градското собрание во неокласичен стил, Гори објасни како го извлекол градот од пандемијата, призна дека на почетокот ги потценил ризиците и посакува неговата центристичко-левичарска Демократска партија да излезе од националната коалиција со Движењето пет ѕвезди и да се здружи со партијата „Форца Италија“ на Силвио Берлускони.

Гори, кој повторно беше избран за градоначалник во 2019 година, имаше свои подеми и падови за време на пандемијата, но успеа да ја задржи поддршката со тоа што беше рангиран како трет најпопуларен градоначалник во цела Италија, во анкетата спроведена минатиот месец. Тој го чувствува притисокот на ултрадесничарската партија „Лига“ која има силно влијание во поголем дел од Ломбардија и речиси во сите села околу Бергамо.

Противниците велат дека Гори ја потценил сериозноста на пандемијата во првите фази и ги охрабри луѓето да продолжат со нормалното функционирање за да ѝ помогнат на економијата. На почетокот на февруари по вечерата во локален кинески ресторан, на социјалните мрежи им порача луѓето да го игнорираат „целосно неоправданиот страв и паника“. Партијата „Лига“ сега ја користи таа фотографија и нејзиниот опис на постери за да го напаѓа градоначалникот.

– Сите треба да се справиме со нашата совест. Се обвинувам себеси затоа што не ја сфатив состојбата уште на почеток – изјави Гори и додаде дека „не бил единствениот“ кој не ја сфатил сериозноста на пандемијата.

Градоначалникот јавно призна дека го потценил проблемот, но според „Лига“, било предоцна. Веќе е во тек истрага на јавното обвинителство на Бергамо дали властите требале да реагираат многу порано. Инспекторите веќе разговараа со членови на регионалната и централната влада, меѓу кои и премиерот Џузепе Конте, но досега не го испрашаа Гори. Градоначалниците не носат одлуки за управување со здравството или можат да ги изолираат заразените области затоа што тоа е задача на регионалните и на централните власти.

Жителите на Бергамо се познати во Италија по тоа што се вредни работници, а регионот Ломбардија е индустрискиот центар на државата, кој опфаќа над една четвртина од целиот италијански извоз. Според Гори, во раната фаза на епидемијата, работната етика била своевиден „хендикеп“ затоа што „требале да го остават алатот и да затворат“.

– Во нашата култура е невообичаено да не се работи. Веројатно токму ваквата навика која е длабоко вкоренета во нашето живеење, беше причината поради која ни беше тешко да сфатиме дека треба да седиме дома – истакна тој.

Но желбата за работа во Бергамо има и позитивна страна сега кога градот се обновува по кризата, како што вели Гори, со тоа што многу доброволци им помагаат на властите со собирање на средства за набавка на маски и на заштитна опрема. Првично, Гори не бил задоволен од одговорот на пандемијата од Брисел.

– Во текот на првите недели имаше одредена резервираност меѓу нас и Европа, но нештата се променија кога пандемијата ги зафати Германија и Франција и покажа дека проблемот не е само во Италија – смета Гори.

Тој ја поздрави програмата за обнова изготвена од страна на европските лидери, од која Италија ќе извлече голема корист и истакна дека таквите напори „биле незамисливи само пред неколку месеци“. Но Гори не беше сосема задоволен од напорите на неговата држава. Градоначалникот кој одигра клучна улога во подемот на поранешниот премиер и градоначалник на Фиренца, Матео Ренци, вели дека владата се справила со кризата од коронавирусот „пристојно“, но ја критикуваше за недоволните политики за зајакнување на економскиот раст.

Превод: Билјана Здравковска