Четворица министри во владата на Зимбабве досега починаа од коронавирус

61

Четворица министри во Владата на Зимбабве досега починаа од коронавирус, од кои тројца во последните две недели, што укажува на нагло ширење на инфекцијата во таа јужноафриканска земја.

Покрај тројцата министри, неодамна починаа уште неколку познати политичари и јавни личности.

Опозицијата ја обвинува владата дека ја користи пандемијата како оружје со апсење на нејзини членови и други критичари и нивно чување во преполни затвори каде инфекцијата лесно се пренесува.

Критичарите, исто така, ја обвинуваат владата за занемарување на јавните болници, каде што многу заразени со вирусот не можат да го добијат потребниот кислород за да преживеат.

Многу членови на елитата се лекуваат на скапи приватни клиники или во странство.

Претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, изјави дека владата сè уште размислува која вакцина да ја купи.

Зимбабве, како и многу други африкански земји, првично имаше малку регистрирани инфекции, но неодамна имаше скок на бројот на заразени.

Многумина стравуваат дека новиот вид коронавирус, кој се шири многу побрзо, влегол во земјата кога десетици илјади нејзини граѓани се вратиле дома за празниците од Јужна Африка, каде што живеат и работат.

Зимбабве, земја со 15 милиони жители, досега има пријавено 31.000 заболени и 974 смртни случаи од коронавирус, додека на почетокот на декември имало околу 10.000 заразени.