Холандски министер за нередите во земјата: Полицискиот час останува

74

Холандската влада соопшти дека нема да ја повлече својата одлука за полициски час за борба против пандемијата на ковид-19, и покрај немирите што ја потресоа земјата од неговото стапување на сила во саботата навечер.

– Не може да се капитулира пред луѓе што кршат излози – рече министерот за финансии, Вопке Хоекстра, цитиран од холандската новинска агенција АНП. Тој оцени дека за немирите не се виновни легитимните демонстранти, туку насилен џган.
Холандската полиција денеска објави дека уапсила најмалку 184 лица за учество во насилните немири кои траат трета ноќ по ред и се најлоши во последните четириесет години.

Најмалку десет полицајци се повредени во последните судири со бунтовниците кои ограбиле продавници и запалиле автомобили во неколку градови низ земјата меѓу кои и Ротердам, Амстердам и Хаг.

Министерот за правда Ферд Граперхаус исто така за АНП изјавил дека владата нема да се откаже од мерката, велејќи дека е неопходен полициски час за борба против новиот вид на коронавирус.

Немирите започнаа веднаш по воведувањето на полициски час, прва ваква мерка во земјата по Втората светска војна.

Повеќето жители на Холандија го почитуваат полицискиот час за време на кој граѓаните не смеат да ги напуштат домовите од 21 до 4.30 часот, пишува агенцијата „Франс прес“.

Премиерот Марк Руте во понеделникот го осуди криминалното насилство, велејќи дека тоа е неприфатливо и дека 99 проценти од Холанѓаните ги поддржуваат ограничувањата.