Холандија воведува полициски час, луѓето веќе смислуваат начини како да го избегнат

112

Предлогот на холандската влада да воведе полициски час, прв по Втората светска војна, помина во парламентот, пренесува АФП.
Владата денеска предложи воведување на национален полициски час за прв пат по Втората светска војна и забрана за летови од Јужна Африка и Велика Британија, во обид да се ограничи ширењето на новите видови коронавирус во Холандија.

Забраната за летови, за која премиерот Марк Руте вели дека ќе важи и за сите јужноамерикански држави, треба да стапи на сила в сабота.

Руте не ја потврди веста објавена во средата од страна на холандската новинска агенција АНП, во која беше напишано дека забраната за летови ќе важи за сите земји надвор од шенген-зоната, која има 26 земји.

– Полицискиот час ќе допушта само луѓето со итни обврски да ги напуштаат своите домови меѓу 21 и 4:30 часот од петок навечер – рече Руте.

Училиштата и продавниците кои продаваат несуштински производи се веќе затворени од средината на декември, откако кафулињата и рестораните беа затворени два месеца порано.

Затворањето треба да остане во сила најмалку до 9 февруари, рече Руте минатата недела.

Од страв да не бидат фатени за време на полицискиот час, Холанѓаните наоѓаат креативни решенија за да ги заобиколат правилата, па се пријавуваат за шетање на кучиња и нарачуваат униформи од познати компании за достава.

Веб-страницата што ги поврзува сопствениците на кучиња со волонтери кои ќе ги носат нивните кучиња на прошетка е преплавена со понуди.

– Обично добиваме 10 понуди неделно, а од вторникот и најавениот полициски час, добивме 300 – вели Јос ван Пруијен, раководител на непрофитната веб-страница www.matcheenleenhond.nl.

Интернет-продавницата Marktplaats.nl ја прекина продажбата на јакни и облека од познати компании за испорака како одговор на наглиот пораст на побарувачката, објави весникот Алгемин Дагблад.

Некои продавачи нудат празни кутии за испорака со почетна цена од 50 евра.

Казната за кршење на полицискиот час е 95 евра.