Стравот од „увезен“ втор бран предизвикува ксенофобија во Кина

533

Се зголемува недовербата на Кина кон странците, додека земјата се обидува да го обнови угледот разнишан од кризата со коронавирусот, пишува британски „Гардијан“.

Во текот на изминатите неколку недели, додека кинеските здравствени работници речиси секој ден пријавуваа нови „увезени“ случаи на коронавирус, странците што живеат во земјата забележале промена. Тие биле одбиени од ресторани, продавници, спортски сали и хотели, подложени на дополнителни испитувања, навредувани вербално од локалното население и избегнувани на јавни места.

– Кога некој покрај кого поминувам ќе ги види моите сини очи веднаш се повлекува наназад  – раскажува Ендрју Хобан, кој има потекло од Ирска, а живее во Шангај.

Искуствата на странците кои живеат во Кина се движат од социјална неприфатливост до
ксенофобични. Американец кој шетал со група странци низ парк во Пекинг, забележал жена како го грабнува своето дете и трча во друг правец. Други кажуваа дека ги нарекуваат „туѓо ѓубре“. Во неодамнешен напис, под фотографијата на брод преполн со отпад што се оддалечува од брегот на Кина, стоел текст „Пазете се од нова епидемија, предизвикана од странско ѓубре“.

Додека Кина се движи кон враќање во нормала по неколкумесечна парализа, властите се насочени кон избегнување на втор бран на инфекции од странство.

Од 19 март, Кина објави само за два локално пренесени случаи, но десетици кои пристигнале од странство. До минатиот четврток, официјалните лица објавија вкупно 595 увезени случаи од почетокот на избувнувањето, чиј главен извор е Велика Британија. Набудувачите велат дека фокусот на увезените случаи доведе до зголемување на нетрпение кон странците, што според дел од познавачите на состојбата, е во пораст изминатите неколку години.

– Тоа е резултат кога државните медиуми известуваат дека ова е странски вирус. Тоа е нова варијација на позната тема – не им верувајте на странците. Ако има уште еден бран во Кина, вината ќе падне врз луѓето кои доаѓаат однадвор – истакна Јеремаја Џен, американски историчар што живее во Пекинг.