Спасител или моќник: Жестоките методи на претседателот на Ел Салвадор не се за сите

146

Mалкумина светски лидери предизвикаа истовремено пофалби и критики како претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, пренесува Си-ен-ен. 

Иако тој е претседател помалку од една година, во март ја донесе драстичната одлука да ги затвори границите на Ел Салвадор пред да биде потврден првиот случај на зараза од коронавирусот, со изговор дека малата земја во Централна Америка мора да биде еден чекор пред пандемијата. 

Дел од населението ја одобри ваквата одлука, додека другите го обвинуваат дека тој полека се претвора во насилник кој го крши уставот на земјата, и исто така влезе во судир со Врховниот суд и со Националното собрание за времетраењето на мерките за карантинот на Ел Салвадор. 

Како Букеле дојде на власт, е мистерија за голем број луѓе во Ел САлвадор. Тој е првиот претседател кој не припаѓа на двете главни политички партии во земјата по завршувањето на цивилната војна во 1992 година. По таткова страна, неговите баба и дедо се имигранти од Палестина, а тој се кандидираше за претседател во кожено палто, како млад аутсајдер кој од темел ја размрда земјата раскинувана од бескрајна корупција и насилство предизвикано од криминалните банди. 

– Букеле се служи со социјалните медиуми за да води битка со Националното собрание, чии членови се од традиционалните политички партии и се многу жестоки кон него. Фокусиран е на она што е неопходно да се стори во моментот, и има малку трпение за критики – изјави Џеф Тале, претседател на „Вашингтон офис“ во Латинска Америка.

Пред појавата на коронавирус, некои критичари во Ел Салвадор предупредуваа дека несекојдневниот стил на Букеле сѐ повеќе го еродира раздвојувањето на власта и се заканува на кревката демократија на земјата.

Во февруари, Букеле побара од пратениците на Ел Салвадор да се направи заем од 109 милиони долари со цел подобро опремување на полицијата и војската, додека тешко вооружени трупи влегоа во Националното Собрание по негова наредба. Ова се сметаше како обид за заплашување и враќање во ерата на политичко насилство во земјата. 

Иако Националното собрание го издржа неговиот притисок, инцидентот фрли лошо светло врз Букеле низ светот, но администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која го смета за сојузник околу ставовите за имиграција, како и за стратегијата со Венецуела, не ги осуди неговите постапки. 

Постапката за затворање на земјата повторно испрати порака дека тој сака да добие повеќе политичка моќ. Тој наметна мерки за карантин, но исто така одобри храна и пари за сиромашните граѓани. Војската доби наредба да ги уапси оние кои не ги почитуваат мерките и тие беа испраѓани во „центрите за карантин“. Но, кога Врховниот суд посочи дека апсењата не се според уставот и му нареди да запре, Букеле одби да го стори тоа а војската остана на улиците. 

– Пет лица нема да одлучуваат за смртта на илјадници во Ел Салвадор. Една работа е да се толкува Уставот, сосема друго е кога луѓе умираат – напиша тој на Твитер.

Во земјата има 1.571 заразени од коронавирус, со 31 потврден смртен случај. 

Букеле сериозно ја сфати опасноста и од насилните банди во Ел Салвадор. За време на зголемените криминални активности во април, тој на Твитер објави дека сега војската и полицијата имаат дозвола да постапуваат како сакаат доколку сметаат дека нивниот живот е во опасност за време на патролите. Друга случка која му донесе негативно внимание беа и претрупаните затвори, каде што вирусот многу лесно може да се прошири. 

– Некои сметаат дека ја губиме демократијата. Сепак, да бидам искрен, знам зошто Букеле ужива толку голема поддршка кај луѓето. Тој направи толку работи за нив, посебно за оние кои се сиромашни – вели поранешен член на криминална група, кој сега работи во црковна програма што им помага на припадниците на криминалните групи да најдат работа. 

Битката за тоа кој ја има моќта да одреди колку ќе трае карантинот во Ел Салвадор ќе се води додека вирусот постои во земјата. Букеле смета дека мерките треба да траат до 6 јуни, но Националното собрание смета дека карантинот треба да се укине порано. 

Во понеделникот Врховниот суд на земјата го одби Букеле, велејќи дека тој нема надлежност да ги прошири мерките против коронавирус и ги повика Националното собрание и претседателот да работат заедно за повторно отворање на земјата.

Но, дури и додека пратениците предложија нацрт-закон за веднаш да се укине карантинот, Букеле вети дека нема да го дозволи тоа. Ова е битка меѓу пратениците и претседателот, во која тие се решени да го соборат, а тој ги користи сите овластувања за да ги сопре во нивната цел.

– Со овој закон може да видиме масовно заразување на граѓаните на Ел Салвадор. Фала му на бога што можам да ставам вето на законот – напиша Букеле на Твитер.