Со само еден коментар австралискиот премиер стана цел на светските антиваксери

327

Со само еден коментар, австралискиот премиер Скот Морисон ја претвори добрата вест за планот за имунизација во пиар-катастрофа, истакнувајќи го следниот потенцијален кошмар во борбата со коронавирусот – борбата за вакцините, пренесува Си-ен-ен. 

Зборувајќи за планот за овозможување на бесплатна имунизација за сите Австралијци, Морисон кажа дека очекува „вакцинацијата да биде задолжителна, колку што е тоа можно“, со одредени исклучоци поради здравствени причини. Министерката за здравство Карен Ендрјус, подоцна изјави дека „владата ја разгледува можноста за вакцината да биде задолжителна“. Набргу, Морисон почна да ја „повлекува“ изјавата, кажувајќи во радио-емисија дека „вакцината нема да биде задолжителна, и дека нема задолжителни вакцини во Австралија“.

– Никој нема да биде принуден да ја прими вакцината како задолжителна мерка, но ги охрабруваме луѓето да го сторат тоа. Сите треба да сфатат што се обидуваме да постигнеме – кажа Морисон.

Морисон ја „коригираше“ својата претходна изјава откако беше нападнат од антиваксерите ширум светот, од кои многумина протестираат против наводното „принудно вакцинирање“ против ковид-19, иако потенцијалната вакцина е далеку од усовршена.

Додека изјавата го претвори Морисон во цел на антиваксерите, таа укажува и на поширокиот проблем на недовербата во вакцините, кој Светската здравствена организација минатата година го идентификуваше како една од најголемите 10 закани за јавното здравје.

Пандемијата е плодно тло за зголемување за на бројот на противниците на вакцинацијата, чии симпатизери ширум светот имаат повеќе недоверба кон оваа вакцина, отколку кон која било претходна вакцина, заклучува Си-ен-ен.