Совесните граѓани им ја олеснуваат работата на владите

51

Некои европски земји ги објавија мерките, но и плановите за иднина, за ублажување на рестриктивните мерки што се однесуваат на општествениот живот, трговијата и сообраќајот, што претставува своевидно поместување од строгите мерки за изолација што европските влади ги донесоа на средината на март. Меѓутоа, мора да се издвои фактот што олеснителна околност за многу од владите што донесоа вакви олабавувачки мерки е што граѓаните на тие држави имаат долга историја на почитување правила, придржување на строгo утврден ред, дисциплина, строгост спрема самите себеси, но и во контекст на задолжителните однесувања на колективитетите…

Колку и како државите ги олабавуваат мерките во борбата против коронавирусот

ГЕРМАНИЈА

Германската влада на почетокот на минатата недела ги ублажи мерките, но физичката дистанца останува до 3 мај. Засега е дозволена работа на сите продавници, под услов да е обезбедено растојание меѓу купувачите. Препорачано е училиштата да се отворат на 4 мај, а некои од нив би можеле да се отворат уште неделава. Засега остануваат затворени за седење угостителските фирми, каде што е дозволено да се земе храна и да се носи дома, а затворени се и театрите, оперите, концертните сали, музеите и слични установи. Спортот е забранет во сите јавни и приватни спортски објекти, базени, вежбалници и слични објекти. Сите големи настани се забранети барем до 31 октомври 2020 година.

ШВАЈЦАРИЈА

Швајцарија се отвора во три фази: услужните дејности, како фризери и физиотерапевти, почнаа со работа на 27 април, училиштата се отвораат на 11 мај, а рестораните и баровите ќе останат затворени најмалку до 8 јуни. Болниците ќе можат повторно да ги изведуваат сите операции и медицински студии, а фризерниците, салоните за масажа, козметичките центри, трговијата или градинарските центри и цвеќарници ќе можат да продолжат со активности. Останува ограничувањето за влез на сите лица во Швајцарија, освен на оние од Кнежеството Лихтенштајн. Забрането е собирање на повеќе од пет лица во јавен простор. Предавањата во училиштата, универзитетите и други центри за образование и натаму се забранети.

АВСТРИЈА

Австрија на 14 април дозволи отворање на илјадници дуќани и така стана една од првите земји во Европа што ги ублажија мерките на изолација. Големите трговски центри, поголемите дуќани и фризерски салони би требало да се отворат на 1 мај. Музеите би почнале со работа во средината на мај, а големите приредби дури кон крајот на август. Иако воведоа ублажување на мерките, истовремено на почетокот на април воведоа задолжително носење маски при одење во аптека или супермаркет. По две недели, истата мерка ја проширија на носење маски во јавниот превоз и во сите продавници, на кои од 14 април им е дозволена работа. Строго е забрането одење на јавни места. Неколку региони во Тирол се наоѓаат во карантин, каде што никој не смее ниту да влегува ниту да излегува. Наставата во училиштата постои од 16 март, но тие се отворени само за оние деца чии родители не можат да им го дозволат учењето од дома. Универзитетите и факултетите своите наставни операции ги префрлија на учење оддалеку.

СЛОВЕНИЈА

Словенците што надвор од своето место на живеење имаат викендичка, камп-куќичка, земја или градина, од саботата, 18 април, може да ги посетуваат или обработуваат, без оглед на начелната забрана за напуштање на матичните општини. Оттогаш е дозволено и занимавање со некои спортски активности, како што се голф, тенис или бочање, со оглед дека во нив нема поблизок физички контакт меѓу играчите, но затоа се забранети тимските спортови. Целта на Владата беше да ја укине забраната за напуштање на матичните општини од 4 мај, откако ќе биде позната анализата на серолошките тестови на националниот примерок, но сепак со тестирањата се доцни, па и одлуката е одложена. Од 16 март се затворени сите образовни институции, а забранета е и организираната групна грижа за децата.

ЧЕШКА

Владата на Чешка на 14 април одобри план според кој помалите продавници можеа да се отворат од 20 април. Поголемите дуќани ќе ги отворат вратите на 11 мај, а на 8 јуни ќе почнат да работат рестораните и трговските центри. Исто така, од 19 март на сите лица им е забранет престој на јавни површини без маски.
Од 11 мај се очекува да се отворат средните и високите училишта, но само за матура и завршни испити, а од 25 мај постои можност за лично присуство на учениците во основните училишта под строго контролирани услови. Рестораните, пабовите, кафетериите, винотеките, пабовите што продаваат преку шалтери со надворешни тераси исто така се отвораат на 25 мај.

ПОЛСКА

Полска на 20 април ги смени своите безбедносни правила, кои ги подели во четири фази на отворање. Во првата фаза, која почна веднаш, се дозволи во продавници помали од 100 квадрати да влезат максимално толку луѓе колку што вкупно има каси помножено со четири. Се дозволи и отворање на шумите и парковите за рекреација со задолжително носење маска и држење растојание.
Во втората фаза е предвидено отворање на хотелите, библиотеките, музеите и уметничките галерии. Во третата фаза се отвораат фризерниците и козметичките салони, како и продавниците во трговските центри. На крајот ќе се отворат салоните за масажа и солариумите, фитнес-салоните и вежбалниците, а театрите и кината ќе работат под посебен режим.

ИТАЛИЈА

Иако Владата минатата недела го продолжи карантинот до 3 мај, исто така ги разгледува начините како да ги ублажи драконските мерки воведени пред повеќе од еден месец. Ломбардија, најпогодениот италијански регион од ковид-19, сака повторно да ги раздвижи стопанските активности на 4 мај, на денот на укинување на мерките за изолација.

ФРАНЦИЈА

Карантинот е во сила до 11 мај, по што се очекува отворање на училиштата и на продавниците. Рестораните, кафулињата, хотелите и кината и натаму ќе останат затворени. И понатаму останува забраната за доаѓање патници од неевропски држави.

ШПАНИЈА

Шпанија делумно ги ублажи мерките за изолација на некои стопански активности, вклучувајќи ги и градежништвото и производството, кои беа обновени на 13 април. Но и натаму се во сила речиси најстрогите рестриктивни мерки во Европа, па продавниците, баровите и јавните површини треба да останат затворени најмалку до 26 мај.

ПОРТУГАЛИЈА

Португалскиот претседател Марсело де Соуса рече дека ја продолжува вонредната состојба до 2 мај, по што е можно постепено ублажување на мерките ако бројката на заразени продолжи да паѓа.

ГРЦИЈА

До вчера за движење на луѓето беше потребна посебна дозвола. Власта ги разгледуваше досегашните мерки и треба да излезе со ново соопштение како понатаму.

ИРСКА

Ирска на 10 април реши да ги продолжи мерките за ограничено движење на населението до 5 мај. Училиштата се затворени на 12 март, а од 27 март на населението му е наредено да не ги напушта домовите.