Случајот на Бен Лудерер: Зошто некои млади луѓе страдаат од ковид-19 останува мистерија

400
Бен Лудерер

Автор: Д-р Санџеј Гупта

Си-ен-ен

Триесетгодишниот Бен Лудерер не се изненадил кога почнал да се разболува. Неколку дена претходно неговата сопруга Бренди била дијагностицирана со коронавирус. Таа имала благи симптоми со незначително покачена температура која докторите дури не ја сметале за треска. Имала одредена конгестија, но состојбата ѝ се подобрувала. Тој не бил загрижен кога почнал лошо да се чувствува, затоа што двајцата биле млади и здрави.

Бен сепак развил потешки симптоми, а кога почнал потешко да дише, Бренди го одвела во болница. Таму му бил даден дополнителен кислород и добро реагирал на терапијата. Му дале течности и тиленол (парацетамол), а потоа го испратиле на домашно лекување и истата вечер и му дале препораки да се држи до истата терапија.

Следниот ден му било подобро и покажувал знаци на подобрување, со тоа што станал од кревет и јадел за првпат. Но ноќта симптомите се вратиле.

– Бен велеше дека ноќе му било најлошо, затоа што се препотуваше и мораше да спие во посебна положба, затоа што тешко дишеше. Пробав на секаков начин да му помогнам, да му го смирам дишењето, да му спадне температурата, а дури позајмив освежувач за воздух – објасни Бренди.

Бен конечно успеал да легне, а Бренди заспала во соседната соба додека го слушала како дише. Во два часот по полноќ го проверила и бил добар, но во шест часот утрото го нашла мртов својот сопруг.

Бренди не може да сфати како се случило, затоа што не е јасно како еден млад, здрав триесетгодишник без претходни хронични заболувања одеднаш починал од една инфекција? Приказната на Бен Лудерер е една од многуте кои ги збунуваат здравствените лица ширум светот. Зошто некои млади се разболуваат и одеднаш починуваат?

Точно е дека ковид-19 е најризичен за постарите особено оние со хронични заболувања како срцеви и белодробни болести и дијабетес. Тоа веројатно се должи на тоа што имунолошкиот систем на постарите нема толкав капацитет да се бори против болеста, а вирусот многу брзо се реплицира и шири во организмот и предизвикува откажување на органите.

Сепак ако гледаме подетално и слушаме повеќе приказни, станува очигледно дека има повеќе луѓе како Бен кои се млади, но се разболуваат и умираат. Неодамна имаше приказна за 39-годишниот Конрад Бјукенан, здрав и енергичен ди-џеј од Флорида, кој исто така починал од коронавирус без да има хронични заболувања, според неговата сопруга.

Стана јасно дека ниту младите и здрави лица не се имуни на инфекцијата и можат да развијат потешка форма на болеста за која е потребна хоспитализација. Во еден краток поглед во податоците на американскиот Центар за контрола и заштита од болести (ЦДЦ) од 2.449 пациенти со позната возраст, 18 отсто имале меѓу 45 и 54 години, а 29 отсто имале меѓу 20 и 44 години. Од хоспитализираните, 18 отсто биле на возраст меѓу 45 и 54 години, а 20 отсто меѓу 20 и 44 години.

Помладите имаат помали шанси за смртност, но се јавува една невообичаена шема, поради која коронавиурост е „нетипична болест“, како што вели д-р Ентони Фаучи.

– Фасциниран сум од патогенезата. Има пациенти кои добро ги поднесуваат симптомите, а од друга страна одеднаш се случува некој да биде ставен на респиратор, на кардио-пулмонарна машина и потоа да почине. Има нешто што се крие и го пропуштаме од гледна точка на патогенезата. Се надевам дека наскоро ќе откриеме – изјави Фаучи.

Што може да биде мистеријата? Научниците и истражувачите се прашуваат дали одговорот е во нашите гени и сакаат да откријат која е разликата меѓу оние што имаат благи симптоми и оние што умираат.

Една можност е генетска варијација во генот АЦЕ2. АЦЕ2 е ензим кој се врзува на надворешноста од клетките во белите дробови, како и срцето. Во статијата во списанието „Сајанс“, имунологот д-р Филип Марфи од националниот институт за алергологија и заразни болести вели дека „варијациите во генот АЦЕ2 кои го менуваат рецепторот може да му олеснат или отежнат на вирусот да влезе во белодробните клетки“.

Исто така можно е клучната состојка што телото ја создава позната како сурфактант кој им овозможува на белите дробовите да се шират и контрахираат, се намалува кај некои пациенти заразени со коронавирусот. Белите дробови личат на сунѓер, а сурфактантот е средството поради кое се меки и еластични. Без него, тие стануваат непорозни и нееластични. Можеби затоа некои пациенти имаат тешкотии дури и на респираторна машина.

Другата цел е подобро да разбереме како имунолошкиот систем реагира на вируси и бактерии. Кај некои млади и здрави лица, силно реактивен имунолошки систем може да доведе до силна и тешка инфекција која може да се одрази на белите дробови и други органи. Во тие случаи не се работи за стар или ослабен имунолошки систем, туку за таков кој предобро функционира. Некои доктори од првите борбени линии претпоставуваат зошто стероидите, како потиснувач на имунолошкиот систем, подобро дејствуваат кај некои пациенти.

Можеби токму дел од младите и здрави лица, сметајќи дека не се ранливи на болеста, беа помалку дисциплинирани во однос на физичкото дистанцирање, а како резултат на тоа беа изложени на посериозни вирусни инфекции. За подобро да се разбере патологијата, потребни се месеци и анализа на сите пациенти без разлика на возраста. Иако е точно дека значаен удел од младите Американци се изложени на болеста поради високата стапка на хронични болести како дијабетесот, сепак треба да се објаснат случаите на совршено здравите како Бен и Конрад.

Засега без разлика на возраста или здравствената состојба, треба да се почитуваат препораките за хигиена и самоизолација.

Превод: Билјана Здравковска