Сијарто: Набавуваме руски вакцини поради бавноста на ЕУ

108

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, рече дека главната причина што Унгарија набавува вакцини од алтернативни производители е тоа што Европската Унија е премногу бавна во процесот на дистрибуција.

Иако Унгарија, како членка на ЕУ, е дел од официјалниот механизам за набавка на вакцини, властите на оваа земја одлучија да набават 2 милиона дози од руската вакцина „спутник В“, што предизвика спротивставени коментари во рамките на ЕУ.

– Очекувањата од ЕУ беа навистина големи, но сега гледаме дека дистрибуцијата на вакцини е многу побавна и се доставуваат помалку вакцини во земјите отколку што беше ветено на почетокот. Сепак, некои европски институции и бирократи продолжуваат да ги напаѓаат земјите што бараат алтернативни начини за да набават вакцина. Ова е најважното прашање во моментот и ние сакаме да ги спасиме животите на нашите граѓани – рече Сијарто.