СЗО предупредува дека пандемијата се забрзува

141

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, го предупреди светот дека вирусот ќе зарази многу повеќе луѓе доколку владите не започнат со спроведување соодветни и правилни политики, пренесува Би-би-си.

Неговата порака е: „Тестирање, следење и откривање на контактите, изолација и карантин“.

– Сите ние сакаме ова да заврши. Сите сакаме да продолжиме со нашите животи. Но, реалноста е дека пандемијата не близу до крајот. Иако многу земји постигнаа напредок, глобалната пандемија всушност забрзува – рече Гебрејесус на видео-брифингот.

Тој, исто така, апелираше до што е можно повеќе влади да ги следат примерите на Германија, Јужна Кореја и Јапонија, кои го контролираа ширењето на вирусот со политики кои вклучуваат ригорозно тестирање и следење и откривање на контактите.

Повеќе од 10 милиони случаи се пријавени ширум светот откако коронавирусот се појави во Кина кон крајот на минатата година. Бројот на починати е над 500 илјади.

Половина од случаите во светот беа во САД и во Европа, но ковид-19 сега рапидно се шири низ американскиот континент. Вирусот влијае и на Јужна Азија и Африка, каде што врвот не треба да се очекува пред крајот на јули.