СЗО: Бројот на потенцијални вакцини против коронаворусот се зголеми од 11 на 48

58

Десетици компании – од стартап до фармацевтски гиганти – се натпреваруваат за производство на безбедна и ефективна вакцина против коронавирусот за да одговорат на итниот здравствен аларм, но и добро да заработат.

Позитивните резултати од последните испитувања на неколку кандидати за вакцини предизвикаа надеж дека сè уште има светло на крајот од тунелот во однос на пандемијата која во 2020 го погоди светот. Поради компликации од коронавирусот, досега починаа 1,4 милион луѓе.

До средината на ноември Светската здравствена организација (СЗО) идентификува 48 потенцијални вакцини, кои се во фаза на тестирање на луѓе. Ова е голема промена од јуни кога имаше само 11 истражувања.

Единаесет потенцијални вакцини се во последната, трета фаза на тестирање, во која ефикасноста на вакцината се тестира на поголем примерок на луѓе, претежно десетици илјади луѓе од повеќе континенти.

Европскиот проект предводен од „Оксфорд“ и „Астра зенека“ во понеделникот објави дека ефективноста на нивната вакцина е во просек 70 проценти. Вакцината е тестирана на 23.000 лица.

Кога доброволците примиле две високи дози, вакцината била ефикасна 62 процента, но ефективноста се искачила на 90 проценти кога првин примиле мала доза од вакцината, а потоа голема.

Производителите нагласија дека вакцината може да се транспортира и чува на температура од обичен ладилник најмалку половина година и најавија планови за развој до три милијарди дози од вакцината во 2021 година доколку се надминат преостанатите регулаторни бариери.

Најавата дојде откако американско-германскиот проект на „Фајзер“ и „Бионтек“ на почетокот на ноември соопшти дека ефективноста на нивната вакцина е 90 проценти и дека нема штетни и несакани ефекти кај илјадници доброволци.

Оттогаш тие објавија нови резултати од тестовите, кои покажуваат дека вакцината дејствува во 95 проценти од случаите.

– Перформансите беа конзистентни во сите возрасни, полови, расни и етнички демографски групи – велат од компанијата.

„Фајзер“ во моментот бара итно одобрување од американскиот регулатор ФДА за употреба на вакцината и очекува да произведе 1,3 милијарда дози од вакцината до крајот на следната година.

И американската биотехнолошка компанија „Модерна“ месецов објави дека нејзината вакцина е речиси 95 проценти ефикасна.

„Модерна“ планира да поднесе апликација за итно одобрување вакцината во САД и во светот во следните неколку недели. Очекува да испорача околу 20 милиони дози од вакцината во САД до крајот на годината.

Тие велат дека може да произведат помеѓу 500 милиони и милијарда дози вакцини во 2021 година.

Дополнително, се смета дека неколку државни кинески лаборатории произведуваат ветувачки вакцини.

Во меѓувреме, Русија веќе регистрира две вакцини против Ковид-19, дури и пред крајот на клиничките испитувања.