„Рок-ѕвездата“ на СЗО беше подготвена да се најде помеѓу два огна

477

Тедрос Аданом Гебрејесус (55) гледаше телевизија кога забележа како шефот на болница го критикува него и министерството за здравство на Етиопија, кое тогаш тој го предводеше, поради лошо извршување на работата. Наместо да одговори жестоко, како што би направиле некои политички лидери, тој го контактираше докторот од кој беше критикуван, пренесува Си-ен-ен.

– Тедрос му се јави и му кажа да дојде во министерството и да ја поправи состојбата ако има идеи, а потоа го назначи за заменик-министер, што ви дава увид во неговиот стил на лидерство со кој ги носи најпаметните и најдобрите, давајќи им моќ. Тој презема едно од најлошите министерства за здравство во светот и го трансформираше во едно од најдобрите. За да го оствари тоа мораше да носи тешки политички и здравствени одлуки – вели американскиот дипломат Марк Дибил, професор на медицинскиот центар на универзитетот Џорџтаун.

Денеска, Тедрос, кој е познат по името, што е вообичаено во Етиопија, повторно се соочува со жестоки критики додека се обидува да ги балансира интересите и реформите во измачуваната од проблеми институција, соочена со огромен предизвик.

Некои веруваат дека ако некој воопшто може да ја промени Светската здравствена организација (СЗО) и да му помогне на светот да се справи со пандемијата, тогаш тоа е тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп редовно ја напаѓаше СЗО за време на пандемијата обвинувајќи ја за неуспесите и за наводното кинеско влијание врз организацијата, укинувајќи го финансирањето вредно десетици милиони долари.

Тедрос главно реагираше смирено на нападите, но месецов го осуди недостигот на лидерство во борбата против пандемијата и упати апел за глобално единство. Тој возврати и на коментарите на американскиот државен секретар Мајк Помпео кој тврдеше дека Гебрејесус бил „купен“ од Кина. Првиот човек на СЗО ги отфрли како „неточни и неприфатливи“.

Тедрос има репутација на „рок-ѕвезда“ во светското здравство. Неговата решителност го карактеризираше подемот до глобална слава , со што директорот на СЗО е познат по неговата страст кон работата, велат оние кои го познаваат.

Работата на Гебрејесус во Етиопија помогна за намалување на смртноста меѓу децата за 90 отсто, инфекциите на ХИВ за 90 отсто, смртноста од маларија за 75 отсто и од туберкулоза за 64 отсто, според податоција на СЗО.

Подемот на Гебрејесус до челното место во СЗО беше исто така значителен на неколку фронтови. Тој не само што е првиот директор од Африка, туку е и првиот кој не е лекар (тој е биолог).

Периодот поминат како министер за здравство на Етиопија помеѓу 2012 и 2016 година, му помогна да ги усоврши дипломатските способности, со што убеди 193 држави да се обврзаат за финансирање на одржливи цели на развој. Тој стекна пријателство со поранешниот американски претседател Бил Клинтон преку фондацијата на Клинтон која се бори против ХИВ/СИДА, а има поддршка и од основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс и блиски односи со францускиот претседател Емануел Макрон. Бројни ѕвезди од шоу-бизнисот исто така ја поддржаа СЗО.

Но некои се сомневаат во Гебрејесус токму поради неговиот дипломатски пристап. Имаше загриженост поради неговата поврзаност со авторитарната влада во Етиопија која беше обвинета за непочитување на човековите права. Гебрејесус имаше и грешки, како назначувањето на тогашниот претседател на Зимбабве Роберт Мугабе за амбасадор на добра волја на СЗО во 2017 година. Одлуката бргу беше повлечена по негодувањето на јавноста.

Критичарите ја доведоа во прашање и самостојноста на СЗО откако Гебрејесус ја пофали Кина за справувањето со пандемијата. Факт е дека моќта на СЗО е ограничена, со што светските лидери и држави преземаа мерки за спречување на ширењето на коронавирусот без консултација со СЗО. Јавните пораки и совети на СЗО на моменти беа збунувачки. Но Гебрејесус стана водечка фигура на светската сцена, наспроти разурнувачкиот ефект на вирусот и обвинувањата со кои се соочи. Гебрејесус откри и дека се соочува со смртни закани и расистички навреди, но оти нема да го поколебаат.

Спорот помеѓу САД и Кина насреде кој се најде СЗО, исто така е комплексен, но Гебрејесус се обидува да продолжи со работата додека иднината на светот е неизвесна. Исто како и иднината на СЗО. Во средиштето на хаосот се наоѓа токму Гебрејесус кој целиот живот се подготвуваше за ваквата ситуација, заклучува Си-ен-ен.