Путин со руската вакцина му фрли ракавица на Трамп

975

Кога рускиот претседател Владимир Путин триумфално објави дека неговата држава ја развила првата вакцина против ковид-19, здравствените експерти во САД беа загрижени дека Доналд Трамп ќе почувствува потреба да се натпреварува во фармацевтски мачо-дуел преку забрзано промовирање на неговата вакцина пред да биде тестирана, пишува „Њујорк тајмс“.

– Сигурна сум дека ова ќе биде стимул за тој да ги поттикне американските истражувачи и здравствени власти да делуваат побрзо – вели д-р Маргарет Хамбург, која беше комесарка за храна и лекови во администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, во врска со истражувањето и развојот на вакцината.

Руската вакцина одобрена без деталните испитувања кои се задолжителни на Западот, можеби ќе биде ефективна, велат американските научници. Но, ако не биде, избрзаниот напредок би можел да претставува опасност не само за Русите, туку и за многумина други, ако Трамп реши избрзано да парира на ова достигнување.

Потрагата по вакцина веќе е соочена со бројни притисоци додека администрацијата на Трамп ита да развие лек што ќе се бори против вирусот кој усмрти повеќе од 164 Американци. Две фармацевтски компании веќе пристапија кон третата фаза од клиничките тестирања во САД, која е последна пред можноста за одобрување на вакцината. Но, научниците изразија загриженост дека тестирањата би можеле да бидат скратени поради желбата на Трамп за политичка победа пред претседателските избори на 3 ноември.

Белата куќа истакна дека информациите, а не политиката, ќе ја водат одлуката за одобрување на вакцина, иако Трамп постојано ја поврзува неговата „Операција Варп брзина“ со календарот на кампањата. Тој сугерираше дека вакцината би можела да биде претставена до денот на изборите, иако научниците кажаа дека тестирањата би можеле да бидат завршени најрано на почетокот на следната година. Трамп не даде коментар за објавата на Русија, но го пофали „неверојатниот напредок“ на американската вакцина уверувајќи дека „се доближуваат кон одобрување“.

– Путин го стави Трамп во незгодна позиција знаејќи за пријателството помеѓу нив двајца – пишува „Њујорк тајмс“.

Судејќи според постапките на Трамп кој има почит кон Путин како и според личната желба за победа, Трамп би можел да го копира дома она што го смета за триумф на руската вакцина – вели Моника Счоч-Спана од центарот за здравствена безбедност на универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Трката за вакцина доаѓа во време кога Вашингтон веќе е вклучен во дебатата за повторно проценување на односите помеѓу двете сили.