Производствената грешка на „Астра зенека“ ги засени резултатите на вакцината

372

„Астра зенека“ и Универзитетот „Оксфорд“ завчера признаа грешка во дозирањето за време на производството, што покрена низа прашања во врска со ефикасноста на нивната ковид-вакцина, пренесува „Тајм“. 

Откако во соопштение за нивната вакцина се тврдеше дека е таа е „високо ефективна“, во извештаите не се спомнува зошто некои од волонтерите во тестирањето добиле половина доза. 

Кај волонтерите биле испробани повеќекратни комбинации и дози со цел да се тестира ефективноста и безбедноста на вакцината. Изненадувачки, учесниците во испитувањето што добиле две половични дози покажале подобри резултати со 90 отсто ефективност, а кај оние кои добиле две целосни дози, била забележана ефективност од околу 62 отсто. Комбинираните резултати покажуваат 70 отсто ефективност, што беше резултатот прикажан од производителите.  

Пред да започнат со истражувањето, научниците ги откриваат сите чекори и како ќе бидат анализирани резултатите. Секое отстапување од тој протокол може да ги доведе резултатите во прашање.

Во извештајот од средата, универзитетот „Оксфорд“ откри дека поради грешка во производството, дел од волонтерите добиле вакцина со помала концентрација. Исто така, овој проблем подоцна бил поправен. 

Експертите велат дека не се сигурни на што се базира ефективноста кај малата група која добила половина доза од вакцината што брои 2.741 волонтер. Друг фактор е што ниту еден од волонтерите во оваа група не е постар од 55 години. Помладите луѓе обично имаат посилен имунолошки систем, што исто така би можело да влијае на добиените  резултати. 

Сара Гилберт, една од научниците од Оксфорд која го водеше истражувањето, рече дека одговорот веројатно е поврзан со обезбедување на точно количество на вакцина, за да се предизвика најдобар имунолошки одговор.

– Станува збор за еден вид на „златна средина“, односно, ни премногу ни премалку од дозата. Доколку дозата е преголема може да се добијат неквалитетни резултати. Тоа значи дека се можни мали грешки кога се обидувате да го добиете совршениот првичен резултат – вели Гилберт. 

Деталите за истражувањето ќе бидат објавени во медицинските списанија и ќе бидат доставени на регулаторите кои ќе одлучат дали ќе ја одобрат дистрибуцијата на вакцината. Извештаите ќе содржат детален преглед, кој вклучува демографски и други информации за волонтерите во секоја група и ќе нуди целосна слика за тоа колкава е ефикасноста на вакцината кај нив.