Пристапот „прво јас“ нè турка кон катастрофален пад во дистрибуцијата на вакцините

61

Според директорот на СЗО

Светот е на работ на катастрофален морален пад во дистрибуцијата на вакцини против ковид-19, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус, повикувајќи ги земјите и производителите на поправедна дистрибуција на вакцините во целиот свет.

Гебрејсус рече дека изгледите за фер дистрибуција се под сериозен ризик во период кога програмата на СЗО за дистрибуција на вакцини, Ковакс, прави подготовки да почне со дистрибуција следниот месец.

Тој истакна дека минатата година биле потпишани 44 билатерални договори, а годинава најмалку 12.

– Ова може да ги одложи испораките на Ковакс и да го создаде точно она сценарио што се обидовме да го избегнеме создавајќи ја Ковакс-програмата: создавање резерви, хаотичен пазар, некоординиран одговор и продолжување на социјалните и економските нарушувања – рече директорот на СЗО.

Тој предупреди дека поради тоа, ќе страдаат токму оние на кои помошта им е најпотребна.

– Не само што овој пристап на „прво јас“ ги загрозува најсиромашните и најранливите, тој е и самоуништувачки – рече Тедрос на отворањето на годишниот состанок на извршниот одбор на СЗО во Женева, пренесе „Ројтерс“.

Како што истакна, на крајот ваквите постапки само ќе ја продолжат пандемијата.

Глобалните превирања за вакцините се интензивираа по информациите за циркулација на нови позаразни верзии на вирусот.

Тедрос како пример за нееднаквост го посочи податокот дека повеќе од 39 милиони дози вакцини се употребени во 49 земји со повисок приход, а само 25 дози биле дадени во една сиромашна земја.