Претседателот на Бразил заболен од коронавирус

100

Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро (65) има коронавирус, пренесува бразилскиот Си-ен-ен.

– Тестот покажа дека сум позитивен – рекол Болсонаро со маска на лицето пред новинарите, додавајќи:

– Само погледнете во моето лице, добро сум – рекол тој, ја тргнал маската и продолжил да разговара со новинарите.
Болсонаро го релативизираше коронавирусот во текот на пандемијата, не се придржуваше до физичко растојание, дури и откако Бразил стана втората најпогодена земја од коронавирусот по САД, со повеќе од 65.000 смртни случаи и над 1.6 милиони потврдени случаи, пренесува Си-ен-ен.

Бразил ги потврди првите жртви на коронавирусот во март, а Болсонаро тогаш се шегуваше за вирусот. Тој рече дека ќе го надмине тоа како обична настинка затоа што порано бил голем спортист.

Оттогаш, пишува Си-ен-ен, Болсонаро продолжи да ги крши сите мерки против коронавирусот, учествувајќи на политички собири. Тој честопати ја носел маската на целосно погрешен начин или воопшто не ја носел.

Позитивниот тест за коронавирус на Болсонаро доаѓа само три дена откако тој ручал со американскиот амбасадор Тод Чепман. Никој не носел маска на тој собир.