Поради коронавирусот погодени 81 отсто од светската работна сила

118

Меѓународната организација за трудот (МОТ) објави дека 81 отсто или 2,7 милијарди вработени во светот се погодени од коронавирусот.

Многу земји донесоа голем број мерки насочени кон спречување на ширењето на пандемијата на коронавирус, а со некои од овие мерки настрадаа многу компании и нивните вработени. Некои компании и бизниси мораа целосно да се затворат, додека многу го сменија системот на работа.

Во извештајот на Меѓународната организација на трудот за влијанието на ковид-19 врз бизнисот во светот се вели дека економските ефекти на пандемијата се најсериозни и најтешки по Втората светска војна.

Според извештајот, околу 2,7 милијарди вработени, или 81 процент од 3,3 милијарди работници ширум светот, припаѓаат на компании кои морале да прекинат со работа поради губење на клиенти и намалена активност или го направиле тоа по препорака на властите, како што се рестораните, теретаните, спортските обложувалници…

Наведено е дека најголеми последици од тековната криза ќе почувствуваат вработените со високи и средни приходи, особено во арапските земји, Европа и азиско-пацифичкиот регион.