Околу 2.500 туристи ќе тужат скијачки центар во Австрија поради коронавирусот

92

Околу 2.500 туристи спремаат тужба против ски-центарот Ишгл во Австрија поради лошо постапување за време на епидемија на коронавирус и ускратување на информации за заразата поради што голем број на луѓе заболеле.

Популарното тиролско скијалиште веќе е под истрага на властите во Инсбрук откако стотина случаи на заразени се поврзани токму со тоа скијалиште.

Локалните власти се обвинети дека реагирале предоцна по првите знаци на заразата во Тирол, посебно во Ишгл, што придонело за ширење на вирусот во Европа, но и во светот, јави Си-ен-ен.

Австриското Здружение за заштита на потрошувачите смета дека локалните власти се одговорни за доцната реакција на почетокот на епидемијата.

Само пет дена откако Здружението на својата веб-страница го објави повикот за тужба, се јавиле околу 2.500 луѓе, а околу 80 отсто од нив се Германци.

Ишгл и околните места имаат околу 500.000 посетители секоја зима.

Во Австрија досега се забележани повеќе од 10 илјади случаи на коронавирус, а само во Тирол 1.358. Од почетокот на епидемијата во земјата починале 128 лица.