Од 8 февруари нови мерки за влез во Швајцарија

113

Швајцарија од 8 февруари ќе бара негативни тестови на коронавирус од луѓе што влегуваат во земјата од високоризични подрачја, соопшти швајцарската влада.

Швајцарската влада исто така предложи двојно зголемување на фондот, финансиран од федералните и кантоналните влади за поддршка на компаниите што беа тешко погодени од ограничувањата за борба против пандемијата на коронавирусoт на пет милијарди швајцарски франци, објави „Ројтерс“.

Во соопштението по состанокот на владата, исто така се наведува дека владата е подготвена да ја активира повторно шемата за обезбедување државни гаранции за банкарски заеми на погодените компании доколку се влоши кредитниот пазар.

Швајцарската влада ги продолжи надоместоците за невработеност за три месеци, што ќе ги чини околу 500 милиони франци и наведе дека федералната влада дополнително ќе финансира околу шест милијарди франци дополнителни трошоци за да ги покрие поволностите за работниците што работат со скратено работно време.

„Јасно е дека луѓето без работа во оваа ситуација тешко наоѓаат нова“, рече швајцарскиот претседател Гај Пармелин.

– Не е сè совршено, но ние работиме на тоа – посочи тој.

Швајцарија ги засили мерките во борбата против новите видови коронавирус овој месец. Здравствените власти пријавија повеќе од 515.000 случаи на инфекција и околу 8.500 смртни случаи во Швајцарија и соседен Лихтенштајн од избувнувањето на пандемијата во февруари 2020 година.