Нов Зеланд одбележува 100 дена од победата над коронавирусот

99

Денеска Нов Зеланд одбележува 100 дена откако е сузбиено ширењето на коронавирусот, со што оваа земја стана светол пример во светот во кој беснее болеста.

Во оваа островска земја од пет милиони жители, животот се врати во нормален тек – се одржуваат натпревари пред преполни стадиони, луѓе седат во кафулиња и ресторани ослободени од грижите дека ќе бидат заразени.

Но, според АП, малку гласови сепак предупредуваат дека земјата би можела неподготвена да се соочи со некоја идна епидемиолошка корона-криза.

Откако во втората половина на март беа дијагностицирани 100 лиа позитивни на ковид-19, беа воведени рестриктивни и остри мерки благодарение на кои Нов Зеланд успеа да го спречи ширењето на заразата.

Во последните три месеци нови случаи на коронавирус биле евидентирани само кај ретки патници од странство, кои уште на граница биле упатени во карантин.

– Благодарение на медицинската стручност и доброто политичко лидерство успеавме да се избориме со опаката болест. Погледнете, секаде во светот каде што има успешна борба против епидемијата, тоа е благодарение на таа комбинација – медицински експерти и добро политичко лидерство – истакна професорот Мајкл Бејкер, епидемиолог од Универзитетот во Отага.

Тој вели дека многу земји многу лошо управувале со пандемијата, дека сега тоа го сфатиле и трагаат по нови решенија, угледувајќи се на Нов Зеланд.

Економијата на Нов Зеланд подобро помина од тоа што многумина го прогнозираа: невработеност не надминува 4 отсто, иако аналитичарите тврдат дека таа бројка не е поврзана со пандемијата, а одлуката и водството на премиерката Џасинда Ардерн сите го фалат и ја посочуваат како успешен пример.

Досега на Нов Зеланд се потврдени вкупно 1.500 случаи и само 22 починати, а истражувањата покажуваат дека поддршката на Работничката партија на премиерката е во пораст во пресрет на септемвриските општи избори.