Неонацистите повикуваат „намерно да ги инфицираат“ Евреите и муслиманите со коронавирус

231

Неонацистите и екстремно-десничарските активисти бараат од нивните следбеници „намерно да ги инфицираат“ Евреите и муслиманите со коронавирус, предупреди во четвртокот Агенцијата за борба против тероризмот на владата на Велика Британија, бидејќи екстремистите се обидуваат преку пандемијата да ги постигнат своите цели, пренесува Си-ен-ен.

Од почетокот на ковид-пандемијата, Комисијата за борба против екстремизмот на Велика Британија соопшти дека добила голем број извештаи според кои екстремните десничари и исламисти ја користат кризата предизвикана од вирусот за да ги промовираат нивните ксенофобични и расистички наративи и со помош на вирусот да создадат раздор.

Според комисијата, за вирусот и онака се шират лажни вести, а екстремните исламистички групи го сметаат за „божествена казна“ поради „дегенерацијата“ на САД и Западот, или пак, казна за Кина поради нехуманиот третман на Ујгур-муслиманите во Централна Кина.

– Членовите на екстремните десничари и неонацистичките групи промовираат анти-малцински наративи охрабрувајќи ги нивните следбеници намерно да заразуваат муслимани, но и припадниците на еврејската заедница – се вели во извештајот.

Други теории на заговор вклучуваат и една која сугерира дека вирусот е дел од „еврејскиот заговор“ или дека 5Г-кулите се поврзани со пандемијата.

Исто така, од комисијата стравуваат дека карантинот и предолгиот престој дома и изложување на информации може да доведе до тоа луѓето да станат подложни на радикализација и да подлегнат на екстремистичките пропаганди.

– Пандемијата не ги обесхрабри екстремистите да ги пропагираат нивните идеологии. Тие, како и секојпат во случај на криза, целосно го искористија карантинот за промовирање на опасни теории на заговор и ширењето на дезинформации, особено преку Интернет – вели комесарката Сара Кан.

Според неа, екстремистите сакаат да ги „нормализираат“ нивните наративи „со единствена цел да поттикнат омраза, насилство, нарушување на јавниот ред и мир и слогата и соживотот во заедницата“.

Таа како пример го наведе ширењето на дезинформации со кои екстремистите ги разгореа теориите на заговор за 5Г-кулите на платформите за социјални медиуми, што резултираше со палење на 50 5Г-кули во април.

Комисијата повика владата на Велика Британија да изработи и објави „јасен план“ за борба против екстремизмот за време на пандемијата на коронавирусот, како и за нова стратегија во врска со борбата против екстремистичките пропаганди за претстојните можни кризи во иднина.