На повидок лек за најтешките случаи со ковид-19

212

Во новото клиничко испитување ќе се евалуира ефектот на протеинот „интерлеукин 7“, кој го зголемува бројот на Т-ќелиите и може да помогне во заздравувањето на пациентите. Испитувањето го спроведуваат научници од институтот „Френсис Крик“, од колеџот „Кингс“ во Лондон и од болницата „Гајс енд сент Томас“. Тие ја проучувале крвта на 60 пациенти заболени од ковид-19 и забележале голем пад на Т-ќелиите

Пандемијата на коронавирусот како никогаш досега ги обедини научните умови во светот, па секоја вест за некое ново откритие дополнително ги мобилизира и ги мотивира уште попосветено да продолжат да истражуваат во обидот да го спасат човештвото од досега непознатата закана. Нов зрак надеж во таа нивна борба дава најновото откритие на екипата британски научници, кои потекнуваат од неколку врвни здравствени и научни институции. Истото тоа деновиве го потврди реномираниот британски медиум Би-би-си.

Во веста, која одекна силно во научната јавност, се вели дека британските научници започнале со тестирање на начинот за лекување, за кој се надеваат дека би можел да им помогне во сузбивањето на најтешките последици од заразата со ковид-19 кај пациенти со тешка болничка слика. Имено, тие открија дека пациентите што боледуваат од најтешкиот облик на коронавирусот имаат исклучително низок број ќелии од имунолошкиот систем познати како Т- клетки.
За објаснување на помалку упатените, треба да се укаже дека Т-лимфоцити или Т-клетки, покрај Б-лимфоцитите, се клетки со стекнат имунитет.

Се активираат при контакт со својот антиген, молекулот што го поттикнува создавањето антитела, односно имуната реакција во организмот, а наедно вршат широк спектар функции што вклучуваат клеточен имунитет и регулација на имунолошкиот одговор на организмот.
Она што особено охрабрува е фактот дека во новото клиничко испитување ќе се евалуира ефектот на протеинот „интерлеукин 7“, кој го зголемува бројот на Т-клетките и може да помогне во заздравувањето на пациентите.
Испитувањето го спроведува тимот научници што доаѓаат од институтот „Френсис Крик“, од колеџот „Кингс“ во Лондон и од болницата „Гајс енд сент Томас“. Во досегашната работа тие ја проучувале крвта на 60 пациенти заболени од ковид-19 и забележале голем пад на Т-клетките.

Професорот Адријан Хајдеј од институтот „Крик“ изјави дека тој и колегите биле многу изненадени кога виделе што се случува со ќелиите со стекнат имунитет.
– Тие се обидуваат да го заштитат организмот, но се чини дека вирусот дејствува на начин што ги спречува во тоа, бидејќи нивниот број значително е намален. Во микролитар (0,001 мл) од капка крв здрав човек има меѓу 2.000 и 4.000 Т-лимфоцити. Кај пациентите заразени со ковид-19 што ги тестиравме имаше само меѓу 200 и 1.200 – објаснува професорот.
Научниците велат дека ова откритие би можело да отвори пат за развој на тестот за утврдување на нивото на Т-клетките во крвта, што би можело да дава рани индикации за тоа кај кој пациент ќе се развие потежок облик на болеста.
Резултатите упатуваат и на тоа дека со специфичен начин на лекување би можело да успее да се спречи падот на бројот на ќелиите на имунолошкиот систем.

Ману Шанкар-Хари, советник во Одделот за интензивна нега на болницата „Гајс енд сент Томас“, вели дека околу 70 отсто од пациентите примени во тој оддел поради ковид-19 таму доаѓаат со 400 до 800 лимфоцити по милилитар крв. Притоа тој додава дека веднаш откако ќе почнат да заздравуваат нивото на лимфоцити почнува да расте.
„Интерлеукин 7“ веќе е тестиран на мала група пациенти со сепса и е докажано дека сигурно го крева нивото на овие ќелии.
Во рамките на испитувањето, научниците ќе им даваат „интерлеукин 7“ на пациентите со мал број лимфоцити, кои минале повеќе од три дена на Одделот за интензивна нега.

– Како лекар на Одделот за интензивна нега секојдневно се грижам за пациенти со многу лоша здравствена состојба, па затоа сум убеден дека успешноста на ваквото лекување ќе биде многу охрабрувачка – изјави Ману Шанкар-Хари. М.В.