Најбрзата развиена вакцина некогаш била готова за четири години

128

Четири години биле потребни за најбрз развој на вакцина во историјата, иако обично тој процес трае од 10 до 15 години. Сега научниците се натпреваруваат да ја развијат вакцината за помалку од една година.

Десетици истражувачки тимови во светот работат на развој на вакцина против САРС-КоВ-2, вирус кој предизвикува ковид-19, користејќи мешавина од посточеките техники и нова технологија. Финансирањето на вакцината никогаш не било подобро, милијарди долари доаѓаат од целиот свет за да се создаде производ кој може да помогне во контрола на пандемијата, а САД, Кина и Европа вложија најмногу, пишува Си-ен-ен.

Но, пред да се добие вакцината во рака има уште многу работа и треба да се склучат многу договори. Научниците се надеваат дека до вакцина ќе се дојде до почетокот на 2021 година. За да се случи тоа развојниот процес рапидно се забрза. Вакцината мора да се пронајде низ повеќе фази пред да се добие зелено светло за употреба. По иницијалните истражувања и развојни фази следат серија предклинички и клинички испитувања (кои се состојат од три фази) и обично секој чекор може да потрае две и повеќе години. Но, во трката за спречување на коронавирусот некои од тие чекори се комбинирани или целосно прескокнати за да се забрза процесот.

Во предклиничката фаза, пред тестирање на луѓето, истражувачите обично вакцината ја даваат на животни за да ја проценат сигурноста и да видат дали има имунолошки одговор. Но, кај некои вакцини за коронавирус истражувачите успеале да ги забрзаат вообичаените протоколи, тестирајќи истовремено луѓе и животни.

– Да се достигне последната фаза од испитувањата во само шест месеци е неверојатно брзо. Обично за такво нешто се потребни шест години – смета професорот Адриан Хил, директор на Институтот „Џенер“ при Оксфорд.

Според него, некои земји во обид да добијат нешто што не е возможно, ја туркаат вакцината пред да се покаже нивната ефикасност во три фази. Кина тоа веќе го направи, одобрувајќи на крајот на јуни експериментална вакцина за користење во војска. Сега и Русија се фали со вакцина, наспроти загриженост поради прекините во нејзиниот развој. Претседателот Владимир Путин најави регистрација на вакцината под името „Спутник В“, прва во светот, која е одобрена за јавна употреба. Но, Русија не објави научни податоци за тестирања и вакцината е одобрена еден ден пред почетокот на третата фаза, последен и најкритичен чекор во процесот.

– Се надевам дека Русите навистина ќе докажат дека нивната вакцина е безбедна и ефективна. Вистински се сомневам дека тоа го направиле – изјави главниот американски епидемиолог, Ентони Фаучи.

По најавата на Кина и Русија за развојот на нивните вакцини, Фаучи нагласи дека треба да се има на ум дека САД имаат многу различни стандарди.