Младите Австралијци мислат дека вирусот не им може ништо, но бројките ги демантираат

544

Возрасната група која е најзастапена во австралиската статистика за потврдени случаи на ковид-19 се младите во нивните 20-ти години, затоа што тие се групата која најверојатно патува или се дружи со повратници од странство, објаснуваат експертите, пренесува „Гардијан“.

Податоците од австралиското федерално одделение за здравство покажуваат дека 11,3 отсто од потврдените случаи на коронавирус во Австралија се лица на возраст од 25 до 29 години, 9,5 отсто на возраст од 60 до 65 години кои, пак, најмногу патуваат на крстарења и 9,3 отсто на возраст од 20 до 25.

– Каде што младите луѓе се собираат во групи и се дружат, таму и заболуваат. Постои размислување дека вирусот не влијае врз нив, дека нема да се разболат. А најчесто и нема да заболат сериозно, но го пренесуваат вирусот – вели професорката Лин Гилберт, од универзитетот „Сиднеј“.

Луѓето на возраст од 80 и постари сочинуваат само 2,7 отсто од потврдените случаи на ковид-19, но смртноста кај нив изнесува 47 отсто. Заклучно со 31 март, 19 луѓе починале по добивање на позитивнен тест на ковид-19 во Австралија. Најмладиот е 68-годишен маж од Квинсленд, но 36-годишен Австралиец, кој бил позитивен на ковид-19, починал во болница во Исланд на почетокот на месецов.

До денес, во Австралија се регистрирани29 случаи кај деца под десетгодишна возраст, од кои 15 се кај деца под пет години. Сите биле членови на семејство кое патувало во странство.